Презвитер Ивица ТОДОРОВ

ДАЛИ НАВИСТИНА ЗНАЕМЕ ШТО Е ВИРУС?
ДАЛИ ВИРУСОТ Е СОЗДАДЕН ОД БОГ?
ДАЛИ ВИРУСОТ Е ДОБАР ИЛИ ЗОЛ?
ДАЛИ БОГ ИМА НЕКАКВА ВРСКА СО Корона вирусот/ Ковид 19?

Вирус (од лат. virus – „токсин“ или „отров“) е подмикроскопска честичка која не е способна да расте и да се размножува надвор од клетката домаќин. Вирусите можат да ги инфицираат сите животни форми, од животни, луѓе и растенија до микроорганизми, вклучувајќи ги бактериите и археите.

Зборот вирус потекнува од латинскиот збор vīrus кој во превод значи отров, смрдеа, слуз!
Зборот има индоевропски корен кој е ист за: санскритскиот израз viṣa – отров, авестискиот израз vīša – отров, и старогрчкиот израѕ ἰός – отров.
Зборот, со ова значење, за првпат бил употребен на англиски јазик во 1398 година во преводот на Џон Тревиза на делото De Proprietatibus Rerum од Бартоломеј Англински. Терминот вирулентен, потекнува од латинскиот збор virulentus (отровен) и датира од околу 1400-тата година.
Со значењето на „агенс кој предизвикува инфективно заболување“ првпат се споменува во 1728 година, многу пред откривањето на вирусите од страна на рускиот ботаничар и еден од основачите на вирологијата, Димитриј Ивановски, во 1892 година.

Етимолошки се користат уште и изведените изрази: придавката вирални, која е во употреба од 1948 година и терминот virion (вирион) кој е во употреба од 1959 година и се користи да опише стабилна, инфективна вирална честичка која е ослободена од клетка и е способна да инфицира друга истородна клетка.

Од времето на објавувањето на научниот труд на Димитриј Ивановски во 1892 година, во кој за првпат е опишан небактериски патоген кој го инфицира тутунот, и откривањето на вирусот на мозаичната болест на тутунот од Мартинус Бејеринк во 1898 година, околу 5.000 вирусни видови се детално опишани, иако постојат милиони типови.

Вирусите се наоѓаат речиси во секој екосистем на планетата Земја и се најзастапениот биолошки ентитет.

Науката за вируси е позната како вирологија и претставува супспецијалност на микробиологијата.

Додека не инфицираат одредена клетка, вирусите постојат во форма на независни честички. Овие вирални честички, познати и како вириони, се состојат од два или три дела: (1) генетски материјал составен од ДНК или РНК; (2) заштитна белковинска (протеинска) обвивка наречена капсид, која го опкружува и заштитува генетскиот материјал; а во одредени случаи (3) обвивка од липиди која го опкружува протеинскиот слој.

Формите на вирусните честички варираат од едноставни, спирални или икосаедрични форми, до мошне комплексни структури.

Повеќето вирусни видови имаат вириони кои се премногу мали за да можат да се видат со оптички микроскоп.

Просечната големина на еден вирион е околу стоти дел од големината на просечната бактерија.

Потеклото на вирусите во еволуционата историја на животот на планетата Земја се нејасни!

Вирусите се шират на многу различни начини; растителните вируси се пренесуваат од една до друга единка преку инсекти кои се хранат со растителните сокови, како што се растителните вошки; животинските вируси може да се пренесуваат преку паразитски инсекти кои цицаат крв. Ваквите организми кои пренесуваат болести се познати како вектори.

Вирусите на грипот (инфлуенца) се пренесуваат од човек на човек преку кашлање и кивање. Норовирус и ротавирус, чести причинители на вирусниот гастроентеритис, се пренесуваат преку фекално-оралниот пат од човек на човек со контакт, влегувајќи во телото преку храна или вода.

ХИВ е еден од неколкуте вируси кои се пренесуваат преку сексуален контакт и со изложување на крв од заразена индивидуа. Опсегот на клетки домаќини кои вирусот може да ги зарази се нарекува „опсег на домаќини“. Тој може да биде тесен, што значи дека вирусот е способен да инфицира само неколку видови на клетки, или широк, што значи дека вирусот е способен да инфицира многу видови на клетки.

Вирусните инфекции доведуваат до тешки заболувања кај човекот, животните и растенијата, а може да предизвикаат сериозни оштетувања кај земјоделските култури.

Вирусните инфекции кај домаќинот (инфицираното суштество) предизвикуваат активација на имунолошкиот одговор, чија функција е да го елиминира вирусот.

Имунолошки реакции можат да индуцираат и вакцините, кои даваат вештачки стекнат имунитет кон специфична вирусна инфекција. Некои вирусни видови, вклучувајќи ги оние кои предизвикуваат СИДА и вирусен хепатит, се способни да ги избегнуваат имуните реакции на домаќинот, што резултира со хронични инфекции.

Антибиотиците немаат никакво дејство врз вирусите, а развиени се неколку типови на антивирусни лекови. За некои посериозни вирусни заболувања се применува вакцинација, која може да обезбеди доживотна заштита.

+++
„Злото“ како состојба на агресија против „доброто“, а и самиот изворник на „злото“, сатаната нема способност ДА СОЗДАВА, да дарува битие/ онтос/ постоење, таква способност има само Творецот/ Бог!
Затоа , во православната теологија, се говори дека ЗЛОТО нема битие/ онтологија, односно, ЗЛОТО е болест/ спротиставување/ извртување на доброто/ вистината/ здравото!
Вирусите се дел од созданијата од овој свет, имаат своја ДНК/ РНК – програма за постоење! По тоа логока, тие се создадени од Творецот, е сега која била нивната ЦЕЛ НА ПОСТОЕЊЕ пред падот, па и по падот – е широка тема за дискусија!
И за крај ВИРУСИТЕ можеби се опасни за луѓето, животните и растенијата, но тие не се ниту добри ниту зли – тие СЕ, а зошто се, е широка тема за дискусија!