Презвитер Ивица ТОДОРОВ: Кон каде, со кого и зошто?
„Оти ние не го изопачуваме словото Божјо, како мнозина, а го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христа.“
(2 Коринтјаните. 2, 17)
—
Духовниот живот има за цел личноста да ја зголемува свеста (сознанието) за себе!
Исто така, плодовите од духовниот живот се препознатливи преку совеста на личноста, односно, преку нејзиниот осет за доброто и нормалното!
Под „добро“ се подразбира оној начин на живот кој не предизвикува страдања, болка и заблуда во постоењето на останатите луѓе и живи суштества, а предизвикува смисла, здравост и радост!
Под „нормално“ се подразбира осетот и отвореноста за оние стандарди на однесување кои тежнеат кон стандардите и вредностите на постоење откриени и засведочени од нашиот Творец!
+++
Верата, односно, довербата во вистинитоста и спасителноста на Евангелието Христово ја имаат само личности кои духовноста ја подразбираат во горенаведениот контекст!
Сите останати Евангелието Христово го разбираат и прилагодуваат на своите цели и потреби!
И затоа денес е загрижувачки мал процентот на оние кои разбираат што е ХРИСТИЈАНСТВО, а уште помал на оние кои се обидуваат да живеат со и во таа вистина!
—
„Бидејќи, кој човек знае, што има во човекот, освен човечкиот дух, кој живее во него? Па така, и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух.
Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога, за да го знаеме она, што ни е дарувано од Бога;
па тоа и го проповедаме не со зборови, научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно на духовни луѓе.
Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита.
Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не го испитува.“
(1 Коринтјаните. 2, 11 – 15)