Претседателот на Владата Зоран Заев прими плакета и признание од Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ во знак на благодарност за неговата лична посветеност во поддршката на нејзините активности за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и за реализацијата на Националната програма за одбележување 100 години од раѓањето на Конески.

Признанието и изданијата на Фондацијата „Небрегово“ предвидени со програмата, на премиерот Заев му ги врачи Атанас Конески, секретар на Фондацијата.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата истакна дека Владата заедно со Министерството за култура останува целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Тој истакна дека Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес за македонскиот јазик, неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата.

– Научното и литературното дело што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување на сегашните и идните поколенија научници, поети и, најважно од сѐ, вљубениците во вистината и литературата, додаде претседателот на Владата.

Меѓу изданијата што му беа врачени на Заев, како што информира владината прес-служба, централно место имаат: „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е всушност реиздание на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, потоа репринтот на публикацијата „Граматичарот Конески“ по повод 65-годишнината од првото издание на Граматиката на академик Конески, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“, и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“.

Како што е веќе познато, Заев по смената на уставното име на Република Македонија, беше кандидат за Нобеловата награда, заедно со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас. Но и двајцата не ја добија.