Испораката на тенкови од Запад за Украина ако ја гледаме изолирано или во бројки не значи ништо, дури може да предизвика и нова главоболка за Украинците од причина што тоа сега ќе создаде логистички хорор за нив, вели универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев во Утрински печат.

– Украинците не добиваат само тенкови туку добиваат над стотина други оклопни борбени возила. Тоа се две оперативни ударни бригади кои ќе можат да нанесат удар на руските сили. Според моите сознанија станува збор за голема бројка на тенкови, меѓу кои се и американските оклопни возила Бредли, британските борбени тенкови Челинџер 2 и тенкот Абрамс. Иако би се фокусирал на разорната моќ на американските тенкови сепак тие се незначителни во однос на бројките што располата другата страна. Русија пред почетокот на војната според одредени податоци имаше 10.000 оперативни тенкови. Сепак, сосема друго прашање е што од тие оперативни тенкови може да се мери со оваа западна донација, вели Хаџи Јанев.

Тој додава дека бројката не секогаш резултира со ефективна завршница.

– Не е само да имате капацитет на огнена моќ туку како ќе го искористите. Видовме дека Русите имаа катастрофално искористување на борбената моќ на почетокот од војната. Што ќе значи ова за Украина народски кажано може да се каже дека сепак ќе допринесе до зголемување на ударната моќ на Киев на теренот, маневарот на силите, а со тоа би требало да се подигнат капацитетите на Украина за евентуална офанзива која би требало да ја реализира на пролет, вели Хаџи Јанев.

Тој коментираше дека донацијата на западните тенкови и оклопни возила за украинските сили во исто време може да направи проблеми во однос на нивната логистика и самото нивно одружување на фронтот.

Сето тоа според Хаџи Јанев навестува дека ќе престојат нови сериозни и бројни напади од двете страни во Украина.

– Со овој чекор на Вашингтон, но и другите сојузници преку давање на тенкови на Украина, Русија ќе смета дека тие се легитимна цел. Согласно меѓународното воено право секој оној кој што дава логистика и борбена поддршка е легитимна цел и може да се смета како непријателска страна во судирот. Но, едно е да постои потенција за тоа, друго е дали се има намера да се стори нешто во таа насока и сосема трето е дали Русија има капацитет да преземе нешто околу тоа, вели Хаџи Јанев.