Обединувањето на сега распарчените етнички територии на Албанците во единствена природно-географско-етничка Албанија ќе биде реалност и тоа ќе се постигне преку економски и општествени интегративни процеси, пишува косовскиот универзитетски проф. д-р Муса Лимани.

Тој во својата колумна во косовскиот весник Бота сот предвидува „лесна интеграција“:

„Сега процесите на економска интеграција можат да се спроведат без проблем меѓу Албанија и Косово, вклучително и делот од албанските територии во С. Македонија“, пишува Лимани во Бота сот, пренесе Експрес.

Професорот на приштинскиот универзитет Лимани натаму во неговата колумна со наслов „Економско-социјалните интегративни процеси“ пишува дека „албанските земји сега се наоѓаат на историски балкански и европски крстопат“.

„Денес Албанците на Балканот се поделени во пет земји со наметнати државни граници меѓу нив, што предизвика катастрофално територијално распаѓање на албанските етнички предели. Овој судир со државните граници ги направи Албанците во овие земји да бидат најпрезрениот народ и национално малцинство. Затоа, главен услов за надминување на оваа неповолна состојба и за решавање на албанското прашање е реинтеграцијата на албанските територии врз основа на општествено-економски процеси и со регионални или меѓународни модели“, пишува Лимани.

Тој смета дека „во моментов, процесите на економска интеграција можат да се спроведат без проблем меѓу Албанија и Косово, вклучително и делот од албанските територии во С. Македонија, а тешко може да се спроведат и со Црна Гора и Србија“.

„Повторното обединување не е табу тема, ниту утопија, туку е реалност. Во 19 и 20 век имавме распарчување на албанските земји, но во 21 век ќе имаме национално обединување. Единствената сенационална албанска перспектива е формирање природно-географско-етничка Албанија“, пишува Лимани во својата колумна.