За поздравување е брзиот и навремен пристап на Министерството за надворешни работи во лоцирањето, коордирањето и извлекувањето на македонските државјани кои се затекнаа од Авганистан, вели за МИА професор Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност Скопје и доктор на безбедносни и одбранбени науки.

Имало случаи од други држави, посочува тој, кога наши државјани се нашле во безбедносна закана или со прогласувањето на пандемијата, со месеци поради неажурност да не можеме да ги вратиме дома.

Министерот Бујар Османи со својот тим во МНР, нагласи професорот Ѓуровски, манифестираше функционален одговор во итни ситуации и кризен менаџмент на македонската дипломатија.

Прашан дали постои опасност од нова мигрантска криза и евентуално загрозување на безбедносната состојба на нашата дрежава во однос на најновата состојба во Авганистан и владината одлука хуманитарно да делува и да прими 450 граѓани од оваа држава, Ѓуровски потсети дека  Владата на северната граница има прогласено кризна состојба и за нејзино обезбедување е ангажирана Армијата.

– Верувам дека македонската безбедносно-разузнавачка заедница преку координиран и заеднички пристап и размена на информации од партнерите од земјите членки на НАТО ќе превенира било каков ризик од загрозување на стабилноста и на безбедноста на државата. Досега најмалку во два наврата беа попречени загрозувања на безбедноста на државата токму поради информации добиени од земји партнери во НАТО. По завршување на кризната состојба прогласена по три основи: справување со пандемијата, пожарите и опасноста од нов мигрантски бран, верувам дека врз основа на искуството кое ги покажа јаките и слабите страни ќе го направат пофункционален безбедносниот систем од идни ризици и закани кои наложуваат холистистички пристап и градење на националните капацитети во еден интегрален безбедносен систем и надминување на сегашните системски слабости, изјави професорот Ѓуровски.

Нашата држава е членка на НАТО, нагласува, и ние како дел од Партнерството за мир бевме дел од мисијата во Авганистан врз основа на активирање на членот 5 од Вашингтонскиот договор.

– Кога сте дел од НАТО клубот имате привилегии, права, седите на масата кога се решаваат проблемите, користите разузнавачки информации, но сега треба да ја споделите и одговорноста колку таа и да биде ризична. Наши стратешки партнери како држава и народ се Соединетите Американски држави и мала држава како С. Македонија не смее да си дозволи луксуз да не биде дел од една коалиција која се гради и манифестира хуман пристап кон авганистанскиот народ. Светот и меѓународната заедница е во страшна збрка, посветена е на ублажување на заканата од КОВИД-19 и обнова на економијата, но и промовирање на демократијата во нејзината глобална борба против авторитаризмот. Не треба погрешно да ги читаме геополитичките реалности и состојбата во регионот. Нашето друштво со европските западни демократии јасно е дефинирано од 99 проценти политички парламентарни партии во земјата, појаснува тој.

 

Кога се работи за меѓународната безбедност, ставот на Ѓуровски е дека интерес на нашите стратешки партнери и со тоа заштита и на националната безбедност, нема простор за политички калкулации и добивање дневно-политички поени.

– Во услови кога сме дел од регионот кој е изложен на безбедносен ризик од повратници – странски борци, групи и поединци со изразени дејствувања на екстремизам и на радикализам, сигурно од групите кои би дошле и привремено би престојувале кај нас може да се добијат многу информации за радикалните групи кои имаат поврзаност со опкружувањето на Авганистан и самата нејзина територија. Нема потреба од ширење дезинформации, лажни вести и собирање на политички поенти на оваа тема. Кога се работи за безбедноста и меѓународната соработка сите треба да говориме во еден глас и да бидеме под едно исто знаме, предупредува професорот Ѓуровски.

Меѓу другото оценува дека без разлика какво е правилото во Авганистан, тоа сигурно ќе произведе бранови мигранти во иднина.

– Веќе има голем притисок, но можно е со започнување на порадикални мерки во некои делови или во целиот Авганистан, да започнат нови бранови мигранти. Не е непознато дека од почетокот на оваа година, кога Американците се повлекоа и кога стана јасно дека вакво нешто може да се случи, бројот на Авганистанци во илегалните мигрантски бранови се зголемува. Ова го покажуваат статистиките и за балканската рута. Ова е нов предизвик со кој ќе се соочат и Европа и западните демократии. Покрај тоа, многу веројатно ќе има хуманитарни кризи во самиот Авганистан, бидејќи има многу распоредени луѓе кои избегаа од Талибанците во Кабул, изјави за МИА Ѓуровски.

Научените лекции, подвлекува, наложуваат промени кои верувам ќе бидат дел од концептот НАТО 2030. Тоа и кај нас ќе го отвори прашањето за евентуални промени во декларираните сили за учество во мисии од аспект за итна потреба од целосно вооружување и опремување, како и за дефинирање на поставените мисии и задачи, согласно новиот НАТО концепт.