Средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2021 година е 5,6, на скала од 1-најнизок до 10-највисок, што споредено со претходниот период на набљудување (август – декември 2020 година 5,5), бележи благо подобрување во нивото на аргументација.

Ова го покажуваат резултатите од Извештајот за набљудување што го спроведе Институтот за демократија за периодот од јануари до јуни 2021 година. Како што информираат оттаму, набљудувањето е фокусирано на дискусиите кои се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

– Извештајот за овој период покажува релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните две години и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување, велат од Институтот.

Прецизираат дека поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37 проценти. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Панчо Минов и Гордана Сиљановска Давкова.

-Генерално се забележува подобрување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 38 отсто од нивните излагања немаа аргументи, додека во 48 отсто слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 14 отсто од дискусијата, велат од Институтот.

Во овој период на известување, додаваат, во набљудуваните дискусии не била забележана промена на ставот кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини.

-Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 89 отсто од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права, истакнуваат од Институтот.

Според нив, културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво.

-Затоа во овој Извештај се вклучени и неколку препораки, но и достапни алатки кои им стојат на располагање на пратениците за постигнување на повисоко ниво на квалитет на дебата, потенцираат  од Институтот за демократија.

Институтот за демократија од јуни 2014 година го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално.