Во јавноста е малку познато дека незадоволни професори Албанци чии кандидатури за членство во МАНУ биле одбиени, на три дена пред Нова година лани формирале т.н. Здружение на албански академици.
Иако тврдат дека не дејствуваат како паралелна институција на МАНУ, сепак судејќи по името „Здружение за наука и уметност на Албанците“ и по тоа за што се залагаат, произлегува дека функционираат како академија на науките и уметностите на Албанците во Македонија.
Во Здружението членуваат професорите Хисни Јашари, Авзи Мустафа, Џељадин Мурати, но не академиците Албанци од МАНУ, за кои велат дека „таму и им е местото“. Здружението се самофинансира, но велат дека ќе бараат пари од државата.
– Функционираме како академија на науките и уметностите на Албанците. Двапати бев предложен за член на МАНУ и двапати ме одбија од технички причини. Не ме ни повикаа на разговор. Се однесуваат бирократски спрема научната работа и не третираат како да сме од Африка, иако имаме научни трудови за да бидеме членови на МАНУ. Сега имаме објавено јавен повик за нови членови на Здружението. Ќе ги следиме сите подрачја и ќе работиме како МАНУ. Бараме простор како научни работници да не почитуваат – вели за „Слободен печат” професорот од Штулов универзитет и член на Здружението на албански академици Јашари.
Извор: Слободен печат