НАСА за 29 март годинава ја закажа првата прошетка во Вселената само за жени. Астронаутките Ен Меклејн и Кристина Кох ќе учествуваат во излетот вон Меѓународната вселенска станица, соопшти претставничката на Агенцијата, Кетрин Хамблтон.

Како што пренесува британски „Индипендент“, советската астронаутка Светлана Савитскаја во 1984 година веќе „се прошетала“ во Вселената, но овојпат тоа ќе биде женски тандем.

На Меклејн и Кох од Земјата, односно од вселенската централа Џонсон во Тексас, ќе им помага Кристен Факиол. Меклејн е веќе на МВС.

Рускиот вселенски брод „Сојуз“ кој ќе треба да ја превезе Кох заедно со уште двајца нејзини колеги, ќе полета од космодромот во Казахстан на14 март.

Една седмица пред „вселенската прошетка“ НАСА ќе испрати појаснување до медиумите за тоа што астронаутките ќе прават надвор од МВС.