Македонците во Австралија најостро протестираат поради забраната на ТВ емисијата Macedonians In The Aussie Land (Македонците во Австралија) и логото на Македонската програма на ТВ КАНАЛ-31 од Мелбурн, објави Светскиот македонски конгрес (СМК).
Логото на емисијата е стилизиран симбол на зраците од Сонцето од Кутлеш и тоа е забрането најверојатно по интервенција на грчката заедница во Австралија.
Македонците во Австралија потсетуваат дека логото на Македонската програма на ТВ КАНАЛ-31 од Мелбурн се прикажува повеќе од 11 години и никогаш досега тоа не претставувало проблем за рестрикција кон Македонската заедница во Австралија.
Македонците за неодговорна ја сметаат одлуката на управата на ТВ КАНАЛ-31 од Мелбурн за забрана на логото на Македонската програма на ова австралиска телевизија и очекуваат натамошно продолжување на нејзиното емитување со истото лого како и досега.
Македонската заедница во Австралија упатува силен револт против управата на ТВ Канал-31 од Мелбурн поради забрана за емитување на емисијата „Македонско сонце“.
Македонците во Австралија и’ порачаа на управата на ТВ Канал-31 од Мелбурн, доколку не продолжи емитувањето на Македонската програма ќе ги преземат сите мерки пред надлежните институции во Викторија и Австралија за дискриминација и повреда на човековите права и слободи на австралиските државајани со македонско потекло.
Пораката од Македонците во Австралија е емисијата „Macedonians In The Aussie Land“ и нејзиното лого да продолжат слободно да се емитуваат, бидејќи забраната од ТВ Канал-31 од Мелбурн е единствена во светот и во цела Австралија, се вели во реакцијата на СМК.