Претставници на моторџиите кои денеска се собраа на предупредувачки протест поради одлуката на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов да воведе наплата за паркинг и за мотории се сретнаа со скопскиот градоначалник. Моторџии од неколку мото клубови на средбата разговараа за плановите на град Скопје за регулирање на паркирањето мотори.
Моторџиите, кои се собраа на предупредувачки протест пред канцелариите на град Скопје, му порачаа на градоначалникот „да не прави проблеми таму каде што ги нема и да ги решава вистинските проблеми во соообраќајот во Скопје“.
Градоначалникот Шилегов, пак образложи дека сезонава паркинзите на ЈП „Градски паркинг“ се планира да се означат места за паркирање на мотори и моторцикли и услугата да биде бесплатна. Откако ќе се создадат навики и ќе се изгради култура за правилно паркирање на моторите, според Шилегов, веќе од следната сезона предвидено е да почне да се наплаќа паркинг услугата и за моторите.
Моторџиите и градот Скопје ќе формираат работна група за надминување на разликите околу плановите на градот за регулирање на паркирањето мотори. Тоа е договорено на средбата меѓу Шилегов и претставници од неколку мото клубови.
Работната група ќе биде составена од по пет члена, а првата средба е закажана за утре во 15 часот во просториите на Град Скопје.
Градоначалникот Шилегов, пред моторџиите образложи дека идејата е да се означат места за паркирање на мотори и мотоцикли на постојните паркинг зони во градот и на почетокот услугата да биде бесплатна, а веќе од следната година да почне да се наплаќа паркинг услугата од пет до седум денари за час паркинг за мотори над 50 кубни сантиметри, додека за малите мопеди паркингот ќе биде бесплатен.
– Како дел од сообраќајот немате право на паркинг. Принудени сте да возите на овој начин како што се вози низ градот, кога ќе стасате на одредена дестинација немате каде да го оставите моторот, изјави Шилегов.
Посочи дека треба заедно да дојдат до билансот што е потребно, односно колку мотори се користат и колкава е фреквенцијата.
Прашан од каде е идејата за овој проблем, Шилегов кажа дека примил 289 јавувања од граѓани за проблеми со мотори.
Моторџиите, на средбата му порачаа на градоначалникот „да не прави проблеми таму каде што ги нема и прво да покаже чувство за нивната безбедност и да ги решава вистинските проблеми во соообраќајот во Скопје“.
Претседателот на мото клубот „Ноќни волци“ Ленин Јовановски, нагласи дека е важно да се објасни дали со означување паркинг места за моторите ќе се остави на добра волја на моторџиите дали ќе паркираат таму или доколку бидат паркирани на необележано место ќе бидат казнувани.
По средбата моторџиите кажаа дека остануваат на ставот дека паркинг простор за мотоцикл треба да има, ама да не се наплаќа.
Владимир Тунтев од мото клуб „Вепар“, по средбата, кажа дека нема да прифатат никаква промена во ништо друго.
– Ако сака нека си направи паркинг места, меѓутоа ние да си паркираме каде што си паркираме зошто на никого не сметаме. Ако продолжат со било какви одлуки, јас мислам дека цел град ќе го блокираме после и тогаш ќе видиме колку сме регистрирани, рече Тунтев.
Ненад Николовски од мото клуб „Мото Скопје“, по средбата кажа дека останува од утре да работат во работни групи и да видат дали можат да го најдат решението на овој проблем.
– Меѓутоа ние изложивме многу повеќе проблеми. Паркирањето е последниот проблем со кој се соочуваме ние, а се соочуваат и дргите граѓани, изјави Николовски.