Пожарникарите на Град Скопје во моментов во Бригадата во Автокоманда протестираат поради не исплаќањето на надоместокт за опасност при работа, за кој пред 18 месеци Судот донел пресуда во нивна корист, а Градот се уште не го вметнува во платата.
Како што информираше за МИА членот на иницијативниот одбор Дејан Исаевски на 18 октомври до Градот испратиле барање во платата за октомври да биде внесен додатокот и во рокот кој го дале од пет дена не добиле одговор од градските власти.
– Затоа одлучивме денеска да се собереме на мирен протест, како што доликува на најхуманата и најопасната професија и да го искажеме нашето незадоволство. Сакаме уште еднаш да упатиме барање до таткото на градот, во текот на денешниот ден да ја разгледа можноста и да нареди израмнување и корекција на платата со надоместокот од судските пресуди, истакна Исаевски за МИА.
Тој најави дека доколку до крајот на денот не добијат позитивен одговор, утре ќе протестираат пред седиштето на Град Скопје, односно пред кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.
Од Иницијативниот одбор информираат дека дежурната чета со полн капацитет ќе биде во бригадата во извршување на задачите.