Француското Министерство за внатрешни работи вечерва соопшти дека на протестите ширум земјата против пензиските реформи имало 1,28 милиони луѓе, јави радиото Франс Инфо.
„Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во Франција имало 1,28 милиони демонстранти, додека главниот синдикат CGT ја споменува бројката од 3,5 милиони собрани“, објави француското радио на својата веб-страница.
Париската полициска префектура објави дека во француската престолнина има 81.000 демонстранти, додека CGT претходно ја објави бројката од 700.000 собрани во Париз.
Франс Инфо објави дека и утре во Париз ќе биде во прекин метрото, додека другиот јавен превоз ќе биде подобрен.
Според официјалните податоци денеска штрајкуваат 47,65 отсто од вработените во електродистрибуцијата, што доведе до намалување на снабдувањето со електрична енергија. Синдикатот на електроиндустријата претходно најави „црна недела“, а веќе денеска некои штрајкувачи во тој сектор им ја исклучија струјата на корисниците на некои фирми, но и на некои домаќинства.
Денеска штрајкуваа и вработените во јавните служби, јави радиото, додавајќи дека штрајкуваат 32,71 отсто од вработените во образованието.
Како што јави онлајн телевизијата BFMTV, 22 лица се приведени во Париз поради инциденти на улиците. Инциденти имаше и во Тулуз, каде демонстрантите запалија контејнери за ѓубре.
Во цела Франција денеска се распоредени 10.500 полицајци и жандарми, од кои 4.200 во Париз.
Во текот на неделава ќе се одржат и други собири. Утре за денот на жената се планирани собири против пензиската реформа, бидејќи многу жени сметаат дека реформата е неправедна кон нив.
Студентите и средношколците најавија митинзи за четврток.
Ова се шести протести откако беше најавена реформата за која во моментов расправа Горниот дом на францускиот Парламент. Предлогот најпрвин беше разгледан во Долниот дом на Парламентот со жестока дебата, но Владата засега одбива да го промени или повлече својот план.
Синдикатите, дел од граѓаните и опозицијата се противат на поместувањето на старосната граница за заминување во пензија на 64 години, наместо на 62 години.