Две лица загинаа, а десетици се повредени во Бејрут, во судирите меѓу полицијата и антивладините демонстранти, кои протестираат поради економската криза во земјата.

Двајца странски државјани загинаа откако вдишале поголемо количество чад од пожар во зграда во близина на местото на одржување на протестот.

Демонстрантите блокираа патишта низ Либан, палеа гуми, а безбедносните сили истрелаа солзавец кон демонстрантите во центарот на Бејрут.

Црвениот крст соопшти дека 22 лица изгубиле свест, а 70 се повредени, додека либанските безбедносни сили информираа за 60 повредени полицајци.

Во синоќешните протести на плоштадот Ријад ел Сол, голем дел од демонстрантите истакнаа државни знамиња, пееја песни и извикуваа антивладини слогани. Одделни учесници фрлаа камчиња, чевли и шишиња кон полицијата.

Протестите беа иницирани по соопштувањето на намерата на владата да ги зголеми даноците, но и поради корумпираноста на политичарите.

Владата прогласи состојба на економска криза и бара начин да го намали дефицитот.

Протести се закажани за денеска, а либанското Министерство за образование соопшти дека училиштата нема да работат.