Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ реагираше на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека со нападите врз учесниците на иницијативата се обидува да ја дискредитира платформата.

Во писмената реакција испратена до медиумите, организаторите наведуваат дека имаат разбирање за, како што велат, „растечката нервоза“, но дека нема да премолчат, особено поради учесниците на вчерашната сесија кои не се политичари.

Тие тврдат дека Филипче и тесниот круг околу него претставуваат фракција во СДСМ и го оспоруваат неговиот легитимитет во партијата.

„Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството туку претседател на фиктивни картички за гласање“, се наведува во реакцијата.

Организаторите оценуваат дека присуството на денешната прес-конференција на СДСМ не соодветствувало со бројот на гласови што Филипче ги добил на внатрепартиските избори и додаваат дека нема основа за обвинувањата што ги упатил кон нив.

Од платформата тврдат дека на втората сесија на „Разговори за иднината во 12:05“ се водела идеолошка, експертска и демократска дебата каква што, според нив, долго време немало во СДСМ. Тие проценуваат и дека учесниците на средбата претставувале политички потенцијал од најмалку 150.000 гласа.

Организаторите понатаму го обвинуваат Филипче дека со јавните настапи намерно го попречува поширокото обединување на опозициската и прогресивна јавност.

„Главен кочничар на обединувањето на опозициската демократска и прогресивна јавност е ова изгубено партиско раководство чија единствена цел му е да се докопаат до пратенички мандати“, се наведува во реакцијата.

Тие дополнително тврдат дека мнозинството членови на СДСМ не го делат ставот на актуелното раководство и дека умеат самостојно да проценат кој какви политички цели има.

Во завршницата на реакцијата, организаторите упатија и најостро обвинување кон Филипче, тврдејќи дека тој „не е жртва“, туку „егзекутор на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија“.