Првата средба на работната група на ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот лидер Христијан Мицкоски и претставниците на коалицијата „Вреди“ на партиите на Албанците се очекува да се одржи денеска напладне.

На средбата ќе стартуваат разговорите меѓу двата политички субјекта за евентуалната соработка во рамки на идната влада.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој вчера во телевизиско гостување ја потврди оваа информација, истакна дека не очекува дека уште утре би се дошло до договор, но вели дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните.

-Секако, уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик, посочи Муцунски.

Муцунски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ веќе презема конкретни мерки за, како што вели, формирање на контурите на изгледот на идната влада и додава оти очекувањата се дека и без поголем политички субјект може да се стигне до бројката од 61 пратеник бидејќи сè повеќе пратеници во моментов сакаат да бидат дел од мнозинството.

Мицкоски вчера пак оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на која било констатирано дека оствариле успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.

Партијата која ја предводи коалицијата добила поддршка за отпочнување на преговори за состав на идната влада. Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности.