Координаторот на пратеничката група на албанската владејачка Социјалистичка партија, Таулант Бала, од собраниската говорница соопшти дека следната недела ќе се одржи Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Албанија за преговорите, пренесува Ора њуз.
Бала додаде дека сега Албанија ќе преговара со ЕУ за да стане дел од унијата, за што постои согласност меѓу 27-те земји од Унијата.
-Побарав збор за да споделам важна вест во врска со нашето патување кон членство во ЕУ што е поврзано со фактот дека постои целосна согласност меѓу 27-те земји-членки на ЕУ за одржување на Првата меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ следната недела. Тоа е важен момент. Ова се случува по неколкучасовни комуникации на парламентите-членки. Амбасадорот на Чешка, со кој имав можност да комуницирам, штотуку си замина. Политичкиот договор е веќе постигнат и одржувањето на Меѓувладината конференција следната недела е факт, рече Бала од собраниската говорница.
Оваа изјава на Бала, според телевизијата доаѓа иако од Северна Македонија сè уште нема конечен одговор за францускиот предлог со кој се решава спорот меѓу Софија и Скопје, кој го држи во заложништво и почетокот на преговорите на Албанија со ЕУ.
-Северна Македонија, преку премиерот Димитар Ковачески, начелно се изјасни за францускиот предлог, но нагласи дека одговорот ќе се даде по опсежни консултации со претседателот, Собранието, политичките партии, граѓанското општество, експертите и пошироката јавност, констатира Ора њуз.