Дванаесет лица се повредени во инцидент со пукање во трговски центар во Колумбија, Јужна Каролина.

Во врска со инцидентот приведени се три лица кои имале оружје со себе, изјави началникот на колумбиската полиција Скип Холбрук, додавајќи дека најмалку еден пукал.

– Не веруваме дека ова е несреќен случај. Мислиме дека се познавале и дека нешто довело до пукањето, рече Холбрук.

Надлежните соопштија дека во инцидентот нема жртви, но во болница се пренесени осум повредени, од кои двајца се во критична состојба. Останатите шест лица се стабилни.

Повредените се на возраст од 15 до 73 години. Деветмина од нив се ранети од огнено оружје, а петмина се повредени при обидот да побегнат од трговскиот центар. Едно 73-годишно лице е тешко повредено и ќе остане во болница, а останатите се полесно повредени.

Полицијата во Колумбија, главниот град на американската сојузна држава Јужна Каролина, уапси осомничен 22-годишен маж во врска со пукањето во фреквентен трговски центар, во кое според последните податоци се повредени 14 лица.

Според началникот на градската полиција Скип Холбрук, еден од тројцата првично приведени во врска со случајот останува во притвор и се очекува да биде обвинет за нелегално носење пиштол.