Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ги отфрли наводите што кружат низ западните земји за наводен претстоен напад на Русија врз НАТО, оценувајќи ги таквите тврдења како апсурдни и како „намерна манипулација“, а истовремено порача дека Русија е подготвена за мир со Украина и дека е потребно во преговорите посредник да биде некој што е неутрален.

– Која е целта на напад врз Европа и борба против НАТО? Ова не е само бесмислица, тоа е намерна провокација осмислена да создаде закана која всушност не постои и да го принуди населението на нивните земји да троши повеќе пари за одбрана – рече Путин во разговорот со раководителите на водечките меѓународни новински агенции на маргините на Меѓународниот економски форум (SPIEF) во Санкт Петербург, кој траеше околу два часа.

На прашањето да ја прокоментира изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој рече дека војната во Украина е „катастрофа за Русија“, Путин рече дека реалноста на теренот покажува поинаку, пренесува РИА Новости.

– Пред сè, и тоа мора да се нагласи, руските трупи напредуваат долж целата линија на контакт – истакна Путин.

Тој додаде дека Украина се соочува со катастрофален недостиг на луѓе и оти месечно губи околу 40.000 луѓе.

– Луѓето насилно ги одведуваат, нема мотивација, никој не сака да се бори. Покренати се 200.000 кривични постапки за дезертерство – изјави рускиот претседател.

Според него, неодамна руската војска презела контрола врз приближно 2.440 квадратни километри, областа Луганск, која Русија ја призна како Луганска Народна Република, „е целосно ослободена“, а областа Доњецк (за Русија Доњецка Народна Република), руските трупи ја зазеле на 85 отсто од површината, додека во Запорошката област се заземени 80 отсто од територијата.

Говорејќи за употребата на балистичката ракета „Орешник“, Путин рече дека Русија немала „ниедна борбена употреба на ракетата Орешник во полна смисла на зборот на украинска територија“. Путин кажа дека најновите напади со таа ракета биле изведени „таму каде што било погодно да се видат резултатите“, дека резултатите од нападите биле надгледувани од дронови, како и дека се собрани податоци неопходни за „донесување идни одлуки за употреба на ракетата Орешник во полн обем против одредени цели, вклучувајќи и урбани подрачја“.

За време на состанокот со раководителите на меѓународните медиуми, Путин истакнуваше дека Русија е подготвена за мир, дека условите се познати и оти за нив се разговарало во Енкориџ, како и дека американскиот претседател Доналд Трамп е запознаен со нив.

– Украинската страна мора да се согласи на истите компромиси и конфликтот брзо ќе дојде до својот природен завршеток. Стекнувам впечаток дека владејачките кругови во Киев не се заинтересирани за прекин на борбите, бидејќи би ја изгубиле власта доколку го направат тоа – нагласи рускиот лидер.

Путин кажа и дека руската контрола над Донбас и договорот за Украина не се меѓусебно исклучувачки.

На прашањето кого би можела Москва да го прифати во улога на посредник од европска страна, освен поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, Путин рече дека земјите од Европската Унија во принцип се непогодни за таа улога бидејќи не се непристрасни.

– Посредништвото претпоставува неутралност. Каков вид на посредници можат да бидат земјите кои ефективно се вовлекуваат во воена акција – рече Путин.

Говорејќи за Шредер, тој рече дека „тој не е пријател на Путин, како што обично се вели“.

– Тој е германски државник, има став и храброст да го брани. Денес во Европа нема многу такви како него – истакна Путин.

Тој додаде дека двете страни мора да му веруваат на мировниот посредник, како и дека тоа е работно прашање за кое може да се разговара „тивко и мирно, на ниво на министерства за надворешни работи или разузнавачки агенции“. Додаде и дека „контактите меѓу разузнавачките агенции продолжуваат“.

Говорејќи за снабдувањето на Европа со руски гас, Путин рече дека една линија од Северен тек 2 е безбедна и исправна и оти е потребно „само да се притисне копчето и гасот ќе почне да тече“. Според него „Гаспром“ е подготвен веднаш да почне да испорачува гас, 25 до 28 милијарди кубни метри годишно.

– Изненаден сум кога слушам дека „злобната Русија престана да испорачува енергија во Европа“. Ништо немаме запрено – наведе Путин и додаде дека прашање на суверенитет на Германија е дали ќе постигне договор со Вашингтон, кој воведе санкции за Северен тек.

Говорејќи за преговорите со Украина, Путин рече дека на Зеленски му истекол претседателскиот мандат во мај 2024 година, а дека нови избори сè уште не се закажани. „Би сакале, ако потпишуваме историски документи, да ги потпишеме со легитимни поединци. Ако постои волја, ќе најдеме некој со кого ќе го потпишеме документот“, заклучи Путин.

Што се однесува до зборовите кои би ги изговорил при лична средба, Путин кажа дека би го рекол „најмалку тоа што би можело и требало да се каже – ’фала му на Бога што сè е готово‘“.

На прашањето дали планира да остане на функцијата претседател на Русија до 2030 или дури 2036 година, Путин рече дека земјата се соочува со многу „итни проблеми“, кои мора да се решаваат „со фокус на иднината на Русија“.

Говорејќи за своите односи со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, Путин рече дека Русија и Кина се „пријатели во интерес на едни со други, а не против некого“.

– Шји ме нарекува „мој стар пријател“, и јас го велам тоа. Тоа не е фигуративно изразување – рече Путин.

На прашањето дали приближувањето на Њу Делхи кон Вашингтон ги комплицира руско-индиските односи, Путин рече дека „сите веќе сфатија дека притисокот врз индискиот премиер Нарендра Моди е залуден“.

Говорејќи за Ерменија која тргна по патот на приближување кон Европската Унија, а остана членка на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), Путин рече дека тоа носи реални контрадикции во стандардите и прописите.

– Секоја суверена земја има право да ги бира своите партнери. Но треба да одлучи – рече Путин. Тој истакна дека неговиот барање до Ереван останува исто – да донесат одлука „што е можно побрзо“ и да одржат референдум.