Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека терористите од Исламска држава грабнале најмалку 700 луѓе во Сирија, меѓу кои има и американски и европски државјани, пренесуваат руски медиуми.

На пленарниот собир на Меѓународниот дебатен клуб „Валдаи“, Путин ги критикуваше САД поради, како што рече, катастрофалниот неуспех.

– Терористите од ИСИЛ упатија ултиматуми и истакнаа одредени барања, со закана дека секој ден ќе убиваат по 10 луѓе, рече Путин.

Рускиот претседател додава:

– Тоа е грозно, катастрофа, вели Путин.

Тој наведе дека меѓу заложниците има и американски и европски државјани и дека ИСИЛ го зацврсти присуството во регионот по текот на Еуфрат, кои се под контрола на САД.

– Сите молчат… Како ништо да не се случило, рече Путин.

ТАСС вчера објави дека Исламска држава на 13 октомври грабнала околу 700 заложници во сириската покраина Деир-ал Зор, по нападот на бегалски камп, во подрачје кое го контролираат силите кои ги поддржуваат САД.

Грабнати се околу 130 семејства и одведени се во градот Хаџин.