Претседателот на Русија, Владимир Путин, синоќа изјави дека е можен трилатерален состанок со кинескиот претседател Шји Џјинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), кој ќе се одржи во ноември во Кина.

– Што се однесува до можниот состанок на нас тројцата на самитот на АПЕК, веројатно и тоа е можно, како што веќе реков, но тоа во голема мера ќе зависи од Кина како домаќин на самитот – рече Путин на пленарната седница на меѓународниот клуб за дискусии „Валдај“.

Тој истакна дека таквите средби се „секогаш корисни“ бидејќи овозможуваат размена на мислења и разјаснување на ставовите, наведувајќи дека најважно е да се утврдат темите кои би можеле да бидат основа за евентуален трилатерален состанок.

– Најважно е да се одредат темите за разговор, но тоа во голема мера ќе зависи од домаќинот на овој настан – рече Путин.