Рускиот претседател Владимир Путин упати „искрени честитки“ до новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан, соопшти денеска Кремљ.

– Руско-иранските односи имаат пријателски и добрососедски карактер, рече Путин во честитката до Пезешкијан.

Земјите сојузници под западни санкции, Русија и Иран „ефикасно ги координираат напорите за решавање на актуелните меѓународни прашања“, наведе рускиот претседател и изрази надеж за „зајакнување на конструктивната билатерална соработка во сите правци“.

Путин му посака на Пезешкијан „успех, здравје и просперитет“.

Реформистот Масуд Пезешкијан победи во вториот круг од претседателските избори во Иран.

Пезешкијан ќе го наследи Ебрахим Раиси, кој во мај загина во хеликоптерска несреќа во северозападниот дел на земјата заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица.

Фото: ЕПА архива