Русија е заинтересирана за обнова на целосните односи со Европската унија во името на поддршка на мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот заеднички континент, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за Кориере дела сера.

Интервјуто е објавено денеска на денот на пристигнување во посета на Италија.

– Подготвени сме за конструктивни односи со сите политички сили што добиле мандат од европските избирачи, додаде Путин.

Тој отфрли обвиненија за мешање на Русија во избирачкиот процес во ЕУ. Според него, тоа се обиди да се објаснат неубедливите резултати на некои политички сили на изборите за ЕП.

Рускиот лидер ги нарекува „врв на апсурдот“ обвиненијата дека Русија се мешала во американските избори.

Тој забележува дека санкциите против Москва воведени поради тие обвинувања се уште се на сила.

Во врска со личните планови, Путин вели дека е рано да се зборува за тоа со што ќе се занимава тој по завршувањето на мандатот како претседател во 2024 година.

– Ме чекаат уште пет години тешка работа. Во ваква динамика во светот, тешко е да се прават прогнози. Сега имам со што да се занимавам додека ја извршувам функцијата, додаде Путин.