Рускиот претседател Владимир Путин ја критикуваше меѓународната мировна конференција на високо ниво за Украина, планирана за јуни во Швајцарија, пренесе ДПА.
Русија нема да биде поканета на конференцијата, но во исто време ќе биде јасно дека ништо не може да се реши без Москва, изјави Путин на вчерашната средба со белорускиот лидер Александар Лукашенко.
– И бидејќи не одиме таму, луѓето сега велат дека одбиваме да преговараме. Ова е вистински паноптикон, рече Путин.
Руската амбасада во Берн во средата соопшти дека Русија не е поканета, но нема да учествува на состанокот дури и ако биде поканета.
Според Путин, Украина „самата се ставила ќош“ со прекинување на преговорите пред две години, набргу по почетокот на војната.
– Другата страна мислеше дека Русија може да биде поразена на бојното поле. Но, ова се покажа како невозможно, рече Путин и додаде дека Москва е подготвена да преговара, „но не за шеми кои немаат никаква врска со реалноста“.
Меѓу темите на агендата на конференцијата е мировната формула што ја предложи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски повика на повлекување на руските трупи од сите окупирани области на Украина.
Москва, од друга страна, инсистира на мир според нејзините услови. Тоа вклучува задржување на претходните освоени територии, како и Украина да биде демилитаризирана, неутрална земја која се откажува од членството во НАТО.
Фото: ЕПА