Рускиот претседател Владимир Путин денеска имаше средба со мајки на руски војници кои се борат во Украина, велејќи им на оние кои ги загубија синовите дека тој и целото раководство го споделуваат нивното страдање.

Путин ги предупреди мајките на војниците кои се борат во Украина да не веруваат во се што ќе видат на телевизија или ќе прочитаат на интернет, пренесува Ројтерс.

Тој рече дека во медиумите кружат многу „лажни вести“ за, како што Русија ја нарекува, „специјална воена операција“ во Украина.

Во претходно снимената средба емитувана на државната телевизија, Путин истакна дека руските лидери ја разбираат и ја споделуваат болката на оние кои ги загубија своите најблиски борејќи се во Украина.

Тој вети дека нема да го заборави неспоредливото страдање на мајките кои ги загубија синовите во деветмесечниот конфликт.

Седејќи со групата мајки на масата, Путин рече: „Ние разбираме дека ништо не може да ја замени загубата на син – особено за мајката“.

Путин посочи дека не жали што ја започнал руската „специјална воена операција“ против Украина и ја опиша војната како пресвртница во која Русија конечно се спротивстави на арогантната хегемонија на Западот по децении понижување во годините по падот на СССР во 1991 година.

Војната во Украина уби или рани десетици илјади војници од двете страни, според САД, а руската инвазија ја предизвика најголемата конфронтација меѓу Москва и Западот од кубанската ракетна криза во 1962 година, објави Ројтерс.