Рускиот претседател Владимир Путин денеска беше пречекан во Виена со највисоки воени почести. Путин допатува во еднодневна работна посета на Австрија.
Со получасовно задоцнување авионот на Путин слета на виенскиот аеродром, од каде со претседателската лимузина, која беше донесена од Русија, рускиот претседател беше донесен во палатата Хофбург, каде што го пречека претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен.
Гардата на австриската војска беше построена пред седиштето на австрискиот претседател.
Поради посетата на Путин затвоерни се делови од Виена, а повеќе од 800 полицајци се ангажирани околу обезбедувањето на високиот гостин, како и 1.000 војници кои учествуваат како поддршка на мерките за безбедност на земја и од воздух.
По свечениот пречек Путин се поздрави со големата делегација која го пречека пред седиштето на австрискиот претседател, во која беа членови на австриската влада, како и новиот градоначалник на Виена, Михаел Лудвиг.
Потоа двајцата претседатели се повлекоа на разговори во четири очи.