Просечната годишна температура на Русија расте 2 ипол пати побрзо од глобалната. Преку половина степен зголемување е забележано само последнава деценија, изјави рускиот претседател преку видео врска на самитот Г20 во Рим во неделата.

Иако беше обвинет од американскиот претседател Бајден дека не присуствува на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации во Глазгов, сепак, Путин вели дека Москва испрати голема делегација на самитот ЦОП26.

Според рускиот претседател, натамошниот раст на температурите треба да биде спречен преку намалување на емисиите на стакленички гасови и декарбонизација, која најлесно се постигнува со садење нови дрвја.

Летово Русија беше погодена од климатски катастрофи од екстремни размери. Големи пожари и тешки поплави ја зафатија голем дел од најголемата држава по територија во светот. Дури и Источна Јакута која е позната како регион со најниски температури во светот летово беше разорен од шумските пожари.

Ова не е првпат Владимир Путин да зборува за последиците од глобалното затоплување. Последен пат во јуни тој предупреди дека Русија е ранлива на зголемените температури бидејќи 70 отсто од руската територија е под закана доколку се топи појасот каде што има вечен мраз.

– Имаме населби и инфраструктура која е лоцирана на северот од Русија и доколку вечниот мраз се стопи, ќе имаме сериозни социјални и економски последици за кои треба да бидеме подготвени, потенцира Владимир Путин.

Според рускиот претседател зголеменото глобално затоплување е резултат на човечки фактор и придонесот на Русија во тоа е задолжително да биде намален.

– Глобалното затоплување влијае на цевководните системи и на населбите изградени во регионите каде има вечен мраз. Доколку 25% од тој вечен мраз се стопи (што значи 3-4 метри) до 2100 година, тогаш ќе ги почувствуваме последиците премногу силно, вели Путин.