Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека ќе ги информира Кина и САД за резултатите од самитот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Дури и Ким не замоли да ги информираме Американците за неговите ставови и за прашањата кои му се наметнуваат поврзани со процесите кои се одвиваат на Корејскиот Полуостров и околу него, истакна Путин. Тој додаде дека „Русија е отворена, нема тајни и заговори“.

Првата средба помеѓу Путин и Ким траеше околу два часа, двојно повеќе од предвидените 50 минути.

Претходно, Путин изјави дека разговорот во четири очи со Ким бил темелен.

– Разговаравме за состојбата на Корејскиот Полуостров и разменивме мислења за мерките што треба да се преземат за да се подобри таа состојба, рече Путин.

Ким изјави дека неговиот дијалог со рускиот претседател Владимир Путин бил конструктивен и оти и натаму ќе продолжи така.

– Се надевам дека нашите преговори ќе продолжат во иста насока, како плодни и конструктивни, нагласи Ким.

По средбата, рускиот претседател приреди прием во чест на севернокорејскиот лидер.

– Сметаме дека не постои и не може да постои алтернатива на мирното решавање на нуклеарното и другите прашања во регионот, истакна Путин.

Тој порача дека Русија е подготвена да ја продолжи соработката за да се намали тензијата на Полуостровот и да се зголеми безбедноста во Североисточна Азија.