Бремена жителка на Шри Ланка се саморазнесе откако локални полицајци влегоа во нејзиниот дом со цел да го претресат во врска со терористичките напади на католичкиот Велигден.

Според „Дејли Меил“, кога полицајците влегле во домот на Имсата Ибрахим, таа активирала експлозивна направа при што се убила себе си и своите три деца. Таа била сестра на двајца од напаѓачите од 21 април. Нејзините браќа Иншаф и Илхам Ибрахим извршија напад на католичката црква Свети Антониј, во момент кога верниците го славеа Велигден.

Според „Дејли Меил“ тројцата биле деца на Мохамад Ибрахим – еден од најбогатите луѓе во Шри Ланка и кој се смета за главен извозник на зачини од земјата. Претприемачот, и покрај тоа што бил роден како муслиман, на млади години бил марксист. Бизнисменот исто така станал познат и со добротворни акции. Тој купил цел кварт во Коломбо за своето семејство.

Некои медиуми јавија дека полицијата после нападите го привела Мохамед Ибрахим, но за сега против него не е поднесено обвинение.

Според други извори, Имсата Ибрахим, била сопруга на Илхам и во експлозијата се убила себе си, своите три деца и тројца полицајци.

Другиот брат Иншаф (38) живеел со сопругата и четири деца, осумгодишна ќерка и три момчиња на возраст од шест, четири и две години во куќа вредна 1,5 милиони фунти која се наоѓала во богат кварт во Коломбо. Во куќата имал и сопствена сала за вежбање и голем број автомобили. Бил успешен бизнисмен и поседувал фабрика за бакар. На сопругата не и најавил што ќе направи. Наместо тоа, и рекол дека оди на скужбен пат и оти треба да биде храбра.

Роднините и вработените ги опишале браќата како богати, мирни и побожни.

Во меѓувреме, Си-Ен-Ен повикувајќи се на портпаролот на Владата на Шри Ланка јави дека Илхам претходно бил уапсен па ослободен.  Според портпаролот, Илхам и Иншаф се разнеле во хотелот „Цинамон Гранд“ во Коломбо. Локалната полиција за телевизијата потврдила дека таткото на браќата, Мохамед Ибрахим е во притвор под сомнение дека им помагал и ги поттикнувал синовите.

Властите во азиската островска земја исто така соопштија дека локалниот жител Захран Хашим се смета за иницијатор на „Крвавиот Велигден“. Мажот, за кого се протпоставува дека е на возраст од 30 до 40 години, бил висок член на „Токвид џамаат“ – радикална организација која се смета за клон на ИД.

Шриланската полиција изминатата ноќ уапсила уште 16 луѓе за кои се сомнева дека се поврзани со нападите на католичкиот Велигден.

Воведени се и нови безбедносни мерки, кои опфаќаат и забрана за користење дронови, а полицијата и безбедносните сили продолжуваат со акции за потрага по мрежата луѓе кои учествувале во нападите.

До сега, заедно со новите апсења, приведени се вкупно 76 луѓе, а во полициските операции запленети се и возила кои ги користеле осомничените.

На локалните полициско-безбедносни сили им помагаат иследници од ФБИ и Интерпол.

Околу хотелите, деловните згради и владините канцеларии се воведени строги безбедносни мерки со контрола на возила и автобуси.