Конфликтот во Украина може да трае со месеци, ако не и со години, изјави денеска британскиот вицепремиер Доминик Рааб, додавајќи дека меѓународните сојузници треба да покажат „стратешка издржливост“ за да се обезбеди неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.

-Нашата мисија со сојузниците е да обезбедиме неуспех на Путин во Украина, а за тоа ќе биде потребно време. Зборуваме за месеци, ако не и години, па затоа мораме да покажеме стратешка издржливост бидејќи сето ова нема да заврши за неколку дена, изјави Рааб за „Скај њуз“.

Британскиот вицепремиер ги повика Кина и Индија да помогнат во зголемувањето на дипломатскиот притисок врз Русија.

-Кина во оваа криза има што да прави. И треба да направи повеќе, таа е постојана членка на Советот за безбедност, а и Индија, исто така, додаде Рааб.

„Треба да го зголемиме дипломатскиот притисок“, кажа тој.