Тренерот на Работнички, Ѓоре Јовановски по вчерашното гостување (3:0) против Македонија ЃП, признава дека тимот е во криза. Искусниот фудбалски стручњак смета дека серијата од три порази може да се прекине само со напорна работа.

– Очигледно е дека тимот го зафати криза. Резултатите и игрите не се на посакуваното ниво, но ќе мора да излеземе посилни од сето ова. Добро е што се случува сега, кога се уште сме на почетокот на првенството, имаме време да се подобриме во сите сегменти. Ќе ја анализираме ситуацијата, и тимски, и поединечно, и не треба да паѓаме психолошки, туку да се издигнеме и да излеземе посилни со напорна работа, вели Јовановски за клупскиот сајт на „романтичарите“.

Работнички во сабота на домашен терен ќе ја пречека Беласица, во рамките на осмото коло од Првата македонска фудбалска лига.