Кандидатот за градоначалник на Брвеница од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанче Радичевски, на вечерашниот завршен митинг порача дека кампањата ја водел со почит, достоинство и човечност, нагласувајќи дека главен приоритет ќе му бидат инфраструктурниот развој, поддршката за локалната економија и подобрувањето на условите за живот во сите населени места.
– Оваа кампања ја завршив со почит, со достоинство и со човечност. Како што ветив, оваа изборна трка ја водев онака како што доликува на моментот во кој се наоѓаме. Без навреди, без поделби, без омраза – рече Радичевски.
Тој истакна дека како жител на Брвеница добро ги познава проблемите и потребите на граѓаните и дека негова цел е да создаде повеќе можности за младите да останат и да ја градат својата иднина во општината.
– Верувам дека сите ние, без разлика на возраста, професијата или политичкото убедување, ја имаме истата желба: нашите деца да растат во подобра Брвеница, да имаат повеќе можности и да не мора да заминуваат од својот дом за да ја побараат својата иднина – истакна Радичевски.
Најави дека во првите 100 дена од мандатот ќе се направи детална анализа на тековните проекти и обврски на општината, ќе се утврдат приоритетите и ќе продолжат вложувањата во локалната инфраструктура, водоснабдувањето и канализациската мрежа.
– Во првите 100 дена ќе се посветиме на утврдување на состојбата со започнатите проекти, обврските на општината и можностите за непречено продолжување. Ќе поставиме јасни приоритети, рокови и одговорности. Ќе продолжиме да работиме на подобрување на локалната инфраструктура, на реконструкција на патиштата, на водоснабдувањето, на канализациските мрежи, на условите за живот во сите населени места. Ќе ја покренеме иницијативата за изградба на клучката кон автопатот, посебно внимание ќе посветиме на индустриската зона Брвеница на подобрување на условите за работа и создавање услови за нови инвестиции, ќе ги поддржуваме и малите бизниси, младите претприемачи преку иницијативите Млади со идеи, мој бизнис, моја општина. Доградбата на детската градинка во Брвеница и изградба на нова градинка во Челопек се важни и приоритетни, нашите повозрасни сограѓани заслужуваат почит и грижа, отворање на Дом за стари лица со капацитет до 50 корисници – рече тој.
Во обраќањето посебен акцент стави на економскиот развој, подобрувањето на условите во индустриската зона Брвеница, поддршката на малите бизниси и отворањето нови можности за младите претприемачи.
– Нашата задача е тој потенцијал да го претвориме во можности и конкретни резултати – порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека ќе се залага за транспарентна и достапна локална самоуправа, додавајќи дека во мултиетничката Брвеница различностите треба да бидат предност, а не пречка за развојот.
– Брвеница е мултиетничка општина и токму во нашата различност треба да ја препознаеме нашата сила. Нашите разлики не смеат да бидат пречка за развојот, туку поттик да се почитуваме и да градиме заедничка иднина – рече Радичевски.
Кандидатот за градоначалник им порача на граѓаните дека довербата се заслужува со работа и резултати и кажа дека е подготвен целосно да се посвети на реализацијата на програмските определби за развој на општината.




