Обилните врнежи дожд во текот на ноќта предизвикаа поплави во неколку населени места во Херцеговинско-неретванскиот кантон во јужниот дел на Босна и Херцеговина. Пожарникарите интервенирале на повеќе локации за испумпување вода од објекти и патишта, како и за извлекување возила заглавени во поплавените улици, соопшти кантоналниот Оперативен центар за цивилна заштита.

Најмногу интервенции имало во Чапљина каде што пожарникарите испумпувале вода од 14 објекти во градот и околните села. Трипати интервенирале и за извлекување автомобили од поплавени улици, а поради поројниот дожд ги чистеле и одзатнувале одводните шахти.

Во Мостар испумпувале вода од подруми, а подоцна интервенирале и при сообраќајна несреќа предизвикана од лошите временски услови.

Во Долна Јабланица обилниот дожд и градежните активности предизвикале свлечиште и поткопување на теренот под станбена зграда. На местото биле испратени пожарникари и екипи на цивилната заштита, кои го констатирале свлекувањето на земјиштето.

Водостојот на реката Требижат кај селото Хумац во Херцеговина достигнал 282 сантиметри, што е над критичното ниво од 280 сантиметри. Реката Буна кај истоимената мерна станица била шест сантиметри над утврдениот праг, додека водостојот на Радобоља во Мостар за пет сантиметри ја надминал критичната кота.

Силните налети на ветер предизвикале материјална штета и во Бихаќ, каде што бил оштетен покривот на зградата на тамошниот Културен центар. Паднатите делови од покривот ја оштетиле и електричната инсталација, поради што Радио Бихаќ привремено го прекинало емитувањето на програмата. Поправките веќе се во тек, а се очекува радиото наскоро повторно да почне со емитување.