Пораз на ракометната репрезентација на Македонија од Грција на натпреварот во Кожани. Во очајна игра, нашите играчи предводени од тренерот Раул Гонзалес загубија со 28:26.

На една минута пред крајот, Грците имаа два гола предност, но со гол на Лазаров на 24 секунди пред крајот намаливме на 27:26. Грците побараа тајм аут, а во наредните секунди постигнаа уште еден гол и победија со 28:26. На полувремето имавме еден гол разлика во наша полза 13:12.

Нашата репрезентација одамна не загубила од вака слаба репрезентација како грчката, но одамна и не ограла вака слабо како денеска. Сепак, дека може да имаме проблеми се виде на натпреварот во Битола против Турција. Останува на стручњаците да дадат свое видување, иако имавме полн состав, со Талевски кој неколку пати имаше сободен простор да шутира и поентираше, па со тоа беше намален притисокот на нашиот лев бек, со Прибак и Лазаров во составот, а тука беа и Стоилов, Манасков и Георгиевски. Со други зборови, имавме полн состав, очевидно поквалитетни играчи од грчките, па оттука, за јавноста уште понесфатлив е овој пораз.

Сепак, и за лаик е неверојатно дека од една репрезентација како Грција примивме 28 голови, што значи слаба одбрана, а кога тоа е така, тогаш нема ни контра напади со кои би бил скршен моралот на Грците.

Инаку, натпреварот се одигра под силни мерки ан ебзедност. Посебен скандал беше фактот што на семафорот не беше присутен кодот МКД туку ознаката ФИР без буквата М.