Во Ланксес арената во Келн, Германија, утре се првите полуфинални натпревари во ракометната завршница која ќе го даде одговорот – кој клуб ќе биде ракометен европски шампион. Лани тоа беше скопски Вардар, а годинава црвено-црните повторно се пласираа во фајнал форот и влегуваат во битка во која се уште три француски клубови.

Утре прв полуфинален меч во Ланксес арената, која собира 17.500 гледачи, е тој меѓу Нант и ПСЖ, кој почнува во 15.15 часот, а од 18 часот Вардар против Монпелје тргнува во одбрана на шапионската титула.

Хрватот Лука Циндриќ, кој лани реализираше за победа во полуфиналето и го однесе Вардар во трката за трофејот, имаше добра сезона и одново е играч од кој ќе зависат многу работи во таборот на „црвено-црните“. Тој е свесен за квалитетот на противникот и очекува да има тешка средба во која нијанси ќе пресудат кој ќе дојде до победата.

Вели дека имаат добра подготовка за Монпелје и дека добро е снимена играта, па се очекува на теренот да се покаже вистинското и да се дојде до посакуваниот резултат.

-Се надевам дека можеме да играме во финалето како и лани. Монпелје покажа против Барселона дека е одличен тим, ја елиминира, а сите играчи покажаа дека се добри индивидуалци во играта еден на еден. Ние треба да ја спречиме нивната брза контра и полуконта, а тоа ќе ни даде време да ја наместиме одбраната.Одиме чекор по чпекор, размислуваме за полуфиналето, а потоа ќе зборуваме за следниот ривал-изјави Циндриќ.

Инаку Вардар ќе учествува во фајнал фор кој има историска важност. Првин, затоа што до сега никогаш немало тројца финалисти од една земја. Потоа, преносите од мечевите ќе стигнат до милиони ТВ гледачи – 41 ТВ станица настанот во Келн ќе го пренесуваат во 80 земји. ТВ гледачите ќе можат да следат пренос каков претходно немале можност – тој ќе оди во ултра ХД, односно 4К. И конечно за прв пат ќе се користат чипирани топки со што ќе се овозможи преносот, а и гледачите во салата, да го следат во реално време, со неверојатни агли и ќе имаат на увид многу статистички показатели веднаш.