Автопатот Патот на Арбр, што е комплексно инженерско дело, по десетици и десетици години ветувања, ќе стане реалност во 2021 година.

Тоа го најави албанскиот премиер Еди Рама во видео запис од текот на работите од изградбата на автопатот.

– Продолжува… продолжува изградбата на Патот на Арбр, кој ќе биде изграден не само за жителите на Пешкопеја, туку и за сите Албанци, а ќе донесе и многу туристи што ќе ги привлечат природните чуда на Пешкопеја, уште еден непознат дел од восхитувачките убавини на Албанија што ја сакаме, наведе Рама.

Тој додаде дека ова големо дело се гради благодарение на Јавно прватно партнерство, каде компанијата инвестира приватен капитал за негова реализација, додека државата ќе ја отплати инвестицијата на компанијата во 2031 година.

Исто така дава едноставен пример за „сите оние кои не знаат што е ЈПП а се збунети со она што го слушаат од устите на злобните политичари и коментатори-паразити и лицемери“.

– Она што државата може да го направи за 13 години (затоа што има многу други работи што треба да се прават и не може да се насочат сите средства во една работа), приватното капитално инвестирање го прави за три години, во договор со државата, која гарантира отплата на инвестицијата, објасни Рама.

Со изградбата на автопатот кој се поврзува со Македонија кај преминот Блато на албанско-македонската граница кај Дебар, оддалеченоста до Тирана се намалува за цели 100 километри и ќе изнесува 82 километри.

Неговата изградба се очекува да го заживее и економски да го развие поширокото подрачје од двете страни на границата, а многу ќе го олесни и патување од Македонија до албанското крајбрежје.