Рускиот телевизиски канал Раша тудеј денеска соопшти дека британскиот медиумски регулатор Офком неправедно му ја одзел дозволата за емитување програма, поради конфликтот во Украина, па го обвини дека не е ништо друго, освен алатка на британската Влада.

Британскиот медиумски регулатор појасни дека ја одзел дозволата РТ да емитува програма во Велика Британија, дека одлуката стапува на сила веднаш, по истрагата спроведена за непристрасност во известувањето за рускиот напад врз Украина.

– Офком им покажа на британската јавност и меѓународната регулаторна заедница, дека, и покрај добро изградената фасада на независност, не е ништо друго, освен алатка на власта, ја почитува нејзината волја да ги потисне медиумите, изјави за Ројтерс, Ана Белкина, заменичка на главниот уредник на РТ.

Велика Британија само неколку дена после почетокот на воените дејствија во Украина забрани емитување на програмата на руската национална телевизија, така што денешната одлука на регулаторот „Офком“ е само симболична.

Според неа, игнорирајќи ги потполно „чистите“ резултати на РТ во периодот од четири последователни години и наведувајќи чисто политички причини, што се директно поврзани со ситуацијата во Украина, а потполно неповрзани со операциите, структурата, менаџментот или уредувачките резултати на РТ, Офком лажно оценил дека РТ не е прикладна и коректна и на тој начин, спречил британската јавност да има пристап до информации.

Во објаснувањето од регулаторното тело се наведува дека руската телевизиска станица не е погодна и соодветна да емитува програма во Обединетото Кралство, по спроведената истрага што покажала пристрасност на медиумот во покривањето вести од Украина.

Истовремено забележува дека новововедените закони во Русија ефикасно ги криминализираат сите медиуми што излегуваат од држвниот наратив, пишувајќи за руската агресија врз Украина како за специјална воена операција.