„НАЈВИСОКА ЦЕНА“

Едно мало девојче се приближило до излогот, го залепило своето носе на стаклото и љубопитно гледало што сѐ било изложено во него. Неговите небесно сини очиња радосно светнале кога здогледало некој предмет изложен во излогот. Одлучно и самоуверено влегло во златарата и со нејзиното мало прсте покажало кон ланчето од излогот на кое имало камчиња со тиркизна боја.
– „Тоа е за мојата сестра. Можете ли да го спакувате како подарок?” – прашало девојчето.
Златарот не можел да поверува што му зборува малото девојче, па го прашал:
– „Колку пари имаш?”
Малото девојче се подигнало на прсти и од нејзината лимена кутија истурило сѐ што имало во неа пред касата на златарот. Во кутијата имало неколку железни парички, неколку книжни банкноти, 5-6 мали школки и други ситни играчки кои тоа си ги собирало.
– „Дали ова ќе биде доволно?” – прашало девојчето. – „Сакам на мојата постара сестра да ѝ купам подарок. Откако останавме без нашата мајка, таа прави сѐ што треба и нема време за себе. Денес нејзе ѝ е роденден. Сигурна сум дека со овој подарок многу ќе ја израдувам. Нејзините очи се со иста боја како тиркизните камчиња на ланчето.”
Златарот отишол до излогот, го зел ланчето и убаво го спакувал во прекрасна црвена кутија.
– „Земи го и внимателно однеси го кај твојата сестра” – му рекол на девојчето.
Малото девојче го зело подарокот и го носело како победнички пехар додека излегувало од продавницата.
После еден час во продавницата влегла прекрасна девојка со долга коса со боја на мед и со прекрасни очи со тиркизна боја. До касата ја ставила кутијата која трговецот внимателно ја спакувал и го прашала:
– „Дали ова ланче е купено од вашата продавница?”
– „Да” – одговорил продавачот.
– „Која е цената на ова ланче?” – повторно прашала младата девојка.
– „Во мојата работа цените се доверливи, ги знаат само оние кои ги купуваат моите производи и јас” – ѝ одговорил златарот.
– „Мојата мала сестра имаше само неколку парички и сигурна сум дека не можела со нив да го плати ова скапо ланче” – рекла девојката.
Златарот ја завиткал повторно кутијата со ланчето и ѝ ја вратил на девојката.
– „Немојте да се грижите, вашата сестра ја плати највисоката цена, таа даде сѐ што имаше, го даде целото свое богатство.” – ѝ одговорил златарот.

(постирано од Атанас Атанасов)