Расте бројот на пријави за семејно насилство на територијата на четирите општини од Струмичкиот регион: Струмица, Босилово, Василево и Ново Село. Во првите четири месеци од оваа година е постапувано по 26 случаи на жртви на семејно насилство и при тоа се поведени постапки пред надлежните институци, информира Ленче Христова од „Организација на жени“ од Струмица.

Според неа, 97 проценти од жртвите на насилство во Струмица се жени, но има и мажи.

– Најчест облик на семејното насилство е физичкото, но не заостанува и психичкото, кое потешко се докажува. Насилниците најчесто се уживатели на алкохол или психотропни супстанци и според нашите сознанија овие пороци се главните причини за семејното насилство, вели Христова.

Таа додава дека во последно време се почесто се евидентира семејно насилство врз постари членови на семејствата –татковци и мајки и оти тука причина е злоупотребата на алкохол и психотропни супстанци, па има зачестена појава синовите и ќерките да ги напаѓаат своите родители.