Седницата на која Парламентот повторно ќе гласа за Законот за ратификација на Договорот за спорот за името ќе се одржи на 5 јули. Ова било договорено на денешната координативна средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи.
Минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и 40 „против“, а истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Сега повторно се на потег пратениците. За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе го примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците.
Иванов за својата одлука за непотпишување на Указот за законот за ратификацијата на договорот наведе повеќе причини.
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17 јуни во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Eзеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша.