Енергетиката и енергетската стабилност во регионот се очекува да бидат во фокусот разговорите на премиерите на Северна Македонија и Грција Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба во Атина, јави дописничката на МИА.
Владина делегација од Македонија предводена од премиерот денеска е во работна посета на грчката метропола и ќе биде примена од претседателот на Владата на Грција.
На вчерашниот редовен брифинг со новинарите портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во пресрет на средбата истакна дека тие секогаш се подготвени да им помогнат на земјите од регионот.
-Ние секогаш се стремиме за продлабочување на односите со нашите соседи и со Република Северна Македонија со предуслов да се почитува договореното со меѓународните договори кои постојат. Енергијата е најголемиот проблем со кој се сочуваат сите народи во Европа. Нашата земја им има енергетски помогнато на земји од регионот. Подготвени сме да видиме како ова може да се стори и со други земји. Сакаме да сме центар на енергетска стабилност, енергетска безбедност и претпоставувам дека преку утрешната дискусија ќе произлезат идеи и начини кои уште повеќе ќе ја зајакнат стабилноста и во енергетскиот дел пошироко во нашиот регион, рече Иконому на прашањето на МИА.
Средбата на двајцата премиери е закажана за 12 часот по локално време во премиерската палата во Атина.
Битиќи на конференцијата за глобално програмирање на Зелениот климатски фонд во Јужна Кореја
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи ќе учествува и ќе се обрати на Втората конференција за глобално програмирање на Зелениот климатски фонд, која ќе се одржи од денеска до 15 септември 2022 година во Инчеон, Република Кореја.
Вицепремиерот Битиќи, како што соопштија од владината прес служба, ќе има воведно обраќање денеска на отворањето на конференцијата, кога ќе се обрати и извршениот директор на Зелениот климатски фонд, Јаник Глемарец, а потоа ќе учествува и на министерските панели.
Конференцијата ќе ги собере министрите, националните назначени органи на Зелениот климатски фонд како и акредитираните ентитети (како Светска банка, ЕБОР, ФАО, УНДП, ГиЗ итн), за да обезбеди платформа за дијалог на високо ниво за преточување на долгорочните стратегии за редукција на јагленородни емисии и планови за отпорност на клима, во инвестиции.
-Настанот ќе направи преглед на улогата на Зелениот климатски фонд во овозможувањето активности за справување со климатските промени и ќе обезбеди платформа за засегнатите страни на Зелениот климатски фонд за ефективно да одговорат на сè поитните потреби за справување со климатските промени и исполнување на целите на Парискиот договор за клима. Конференцијата, исто така, ќе биде можност за дефинирање на нови можности и проекти во различни сектори, како и споделување лекции од имплементацијата на конкретни проекти во различни земји, стои во соопштението.
Глобалната конференција за програмирање ќе се одржува заедно со конференцијата на Зелениот климатски фонд „Private Investment for Climate 2022 година“.
Во текот на посетата вицепремиерот ќе оствари и неколку билатерални и бизнис состаноци.
Учеството на вицепремиерот Битиќи на конференцијата е по покана и под покровителство на Зелениот климатски фонд.