Заради криминалот на Ковачевски ќе требаат половина милијарда евра за да се покрие недостигот на струја, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

„Ковачевски првин тврдеше дека се потребни 150 милиони евра за купување на струја со цел пребродување на кризата, потоа излегоа со информација по средбата кај Пендаровски дека се потребни 300 милиони евра. Но реалната бројка е над половина милијарда евра, бидејќи власта не води сметка за стопанството кога ги прави пресметките.

Македонија можеше многу поевтино да помине доколку власта наместо да краде почнеше да работи.

Доколку власта навремено набавеше јаглен и мазут, РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино ќе можеа да работат во полн капацитет, и до покачувањето на струјата во јули немаше ни да дојде, а за од јануари немаше ниту да се зборува.

Доколку македонските енергетски капацитети работеа со полн капацитет и струјата која се увезува за да се покријат потребите на стопанството ќе беа значително помали.

500.000 наши сограѓани кои живеат со по 150 денари на ден сега треба да мислат како да ги платат сметките за струја, а илјадници фирми треба да стравуваат дека можеби ќе бидат нерентабилни како резултат на високите цени на струјата“, се вели во соопштението на опозициската партија испратено до медиумите.

„Владата нема капацитет да го реши проблемот, бидејќи самата е виновна за ќорсокакот во кој се наоѓа Македонија. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро“, се вели во соопштението на партијата.