Централната свеченост во рамки на манифестациите по повод одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија ќе се одржи вечерва од 18:30 часот во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид. На Свечената академија по повод значајниот јубилеј е предвидено обраќања да имаат поглаварот на МПЦ – Охридска архиепископија г.г. Стефан, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија владиката Тимотеј, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов како и премиерот Зоран Заев.

Но, дали точно и со право МПЦ и државата Македонија треба го слават овој празник и оваа годишнина, или историјата треба да се наштима поинаику и според други факти? Ова деновиве се постаува како прашање на социјалните мрежи, при што одбележувањето на илјадагодишнината се смета за „акт на антимакедонската инсталација во МПЦ-ОА, која повторно подметнува“.

„ Како е можно да славиме 1000 години Охридска Архиепископија“, кога нашата Света Црква не е основана во 1018-та, туку многу порано во 535-та година! За 17 години, во 2035-та треба да одбележиме 1.500 години од формирањето на Охридската Црква! Основањето на Охридската Архиепископија е извршено со Свето Папско Послание на Папата Виргилиј (531-562), а на молба на Македонскиот Император Јустинијан I (родено име: Петар Кристо Саватиев)“, се наведува во повеќе постови објавени преку Фејсбук профилот на Групата „Да живее Македонија“.

Групата смета дека прославата “1000 години Охридска Архиепископија“ претставува провокација за нашата Света Црква, бидејќи е Прва и единствена Апостолска Црква во Европа, а потоа и Мајка Црква на сите помесни цркви во христијанскиот православен свет. Притоа се наведува дека претходно, Папата Гргур V (966-999) на молба на Македонскиот Цар Самоил, со Свето Папско Послание во 999 година, Охридската Архиепископија ја унапредил во Патријаршија.

„Спомнатата 1018-та година, впрочем, се смета за погубна за нашата Света Црква, бидејќи тогаш Императорот Василиј II на Македонското (Средновековно) Царство (од Западот намерно и тенденциозно преименувано во “Византија“), откако го освоил Царството на Цар Самоил, Охридската Патријаршија Македонија Прва ја деградирал во Архиепископија“. Ова е направено затоа што законите не допуштале во Царството да има повеќе од еден цар и еден патријарх.

„Гледајќи и’ на вистината во очи, најавениот јубилеј не се однесува на “1000 години Охридска Архиепископија“, туку на “1000 години од неканонското деградирење на Охридската Патријаршија во Архиепископија“. Тоа незнаење или тенденциозност е некоректно и навредливо за Македонскиот православен свет и воопшто за Македонија и Македонскиот народ”, се вели во реакцијата на Групата.