Вицепремиерот Артан Груби во кампањата за локалните избори го прогласуваше Кичево за „воен плен уште од 2001-та година“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети беседеше дека нема да дозволеле Македонците да одлучуваат за албанскиот град Гостивар…

Но, тие не се македонофоби, а Димитар Апасиев од Левица е албанофоб, пишува Исмаил Реџепи од Левица за етно-шовинизмот во Македонија. Во продолжение неговата објава на Фејсбук во целост:

Го слушам Ивица Боцевски, кој, иако деновиве на неколку наврати се осврнува на етно-шовинизмот на ДУИ; на тоа дека Груби во кампањата го прогласуваше Кичево за „воен плен уште од 2001-та година“ и дека таму не доаѓа во предвид македонец да бил градоначалник (додека во исто време ваму во Скопје, Ахмети труби како Албанец да бил премиер 100-те дена); па за тоа како во Форино, Ахмети, во одбрана на Гостивар, онака во стилот на демостеновите „филипинки“, беседеше за тоа дали ќе дозволеле (Албанците нели, зелените не се обраќаат на никој надвор од „зелената еко“ фела) Македонците да одлучуваат за албанскиот град Гостивар.

И ред други слични очебијни факти со кои Боцевски, практично до бермуди, ја соголува криминалната етно-трибалистичка и нато-фундаменталистичка дружина на ДУИ, а пази за чудо, се уште никој го нема обвинето за: „нацист“, „деструктивец“, „опасност по безбедноста на Македонија“, „муслимано-мрзач“, „албанофоб“, „црно-кошулјаш“, „крстоносец“, „ќафир“, и ред други епитети кои беа налепени на лидерот на Левица, Димитар Апасиев и општо на сите членови, поддржувачи и симпатизери на Левица?!

Се прашувам, дали тоа поради веќе поминатиот период од македонската секојдневна политичка драматургија, познат под синтагмата „секое чудо за три дена“, во кој владејачките ордни, ДУИ и СДСМ, во паника дека ќе ја изгубат власта и можеби ќе треба кривично да одговараат за криминалот кој го сеат, се фатија за Левица како за сламка преку која ќе се обидат да се извлечат од калта во која пропаѓаат, или пак се работи за страв од отворање на пандорина кутија каде ќе ги реевалуираме „вистините“ за тоа што претставува национализмот во Македонија – што тоа албанците го сметаат за анти-албанство?!

Дали тоа е Преспанскиот договор, кој го менува името на државата и идентитетот на македонскиот народ, па неговата одбрана е албанска национална кауза!? Дали членувањето во воениот пакт НАТО е дел од корпусот на етничките права и слободи на Албанците загрантирани со европската повелба 378ЧКЛ25а+7 на квадрат!?

Или пак можеби регионалната поделба на локалната самоуправа, која нема ниту географска, ниту инфраструктурна, ниту никаква освен етно целина и е апсолутно нефункционална, и како таква таа е дел од етничките права на албанците?! Или пак постоечкиот изборен модел, кој во парламентот ни приближно не ја рефлектира волјата на граѓанството!?

Дали можеби етничката припадност (во пракса исклучиво албанска) а не стручност, компетентност, заслуга и чесност, како критериум за вработување исто е дел од етничките права на албанското малцинство!? Или пак националниот интерес за соработка со Србија и Русија, особено во делот на енергетиката и земјоделието, е нарушување на меѓуетничките односи и загрозување на албанскиот идентитет во Македонија?!

Или пак отпорот кон сегашниот тренд/процес на бугаризација на Македонија исто така ќе биде дел од македонскиот национализам насочен против албанската етничка заедница и нејзините слободи и права во државава?!

Едно оп-ше-сво за сите – ама за сите чеда на поглаварот Ахмети, Албанци и по некој СДС полтрон!