Од следната недела ќе има нов состав на Владата. Собранието вчера доцна попладне го прими предлогот за нови министри на Владата, седницата за реконструкција на Владата ќе се одржи до 1 јуни, кога е годишнината од изборот на актуелната Влада во Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев.
Досегашната министерка за образование Рената Тренеска Дескоска е предложена за нова министерка за правда, а за министер за образование нејзиниот актуелен заменик Арбр Адеми, кадар на ДУИ. За министер за култура е предложен Афас Адеми, кој доаѓа од Беса, додека за министер без ресор е предложен Бардул Даути, која доаѓа од ДПА. Предлогот на Владата официјално претпладнево треба да биде достапен на веб-страната на Собранието, информираат од таму.
Веќе подолго време се зборуваше дека пратеникот од СДСМ, Петар Атанасов, ќе стане заменик министер за образование, додека поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски, таква фунција ќе добие во МНР.
– Владата доцна синоќа по 69. седница го прати во Собранието на РМ предлогот за нови владини членови откако успешно завршија разговорите за зголемување на владината коалиција, рече на прес-конференција портпаролот Миле Бошњаковси.
Дополнително, премиерот Зоран Заев до Собранието за именување заменици-министри ги пратил предлозите: Андреј Жерновски – кандидат за заменик-министер во Министерството за надворешни работи, Асим Муса – во Министерството за здравство, Ѓонул Бајрактар – за Министерството за труд и социјална политика и Садик Бекири – предлог за заменик-министер во Министерството за транспорт и врски.
Во Собранието се пратени и оставките кои треба да бидат констатирани – за Билен Салији, министер за правда, Рената Дескоска, министер за образование и наука и Роберт Алаѓозовски, министер за култура.
Од Владата во Собранието вчера се пратени и оставките на замениците-министри – Арта Точи од МНР, Гоце Чакаровски од Министерството за здравство, Арбер Адеми од МОН, Елмир Азири од Министерството за труд и социјална политика и Ремзи Мехмети, заменик-министер за транспорт и врски.