Пратеничката Фросина Ременски застана во одбрана на својот партиски лидер од „специјалната војна“ која против него ја воделе руските комичари Вован (Владимир Кузенцов) и Лексус (Алексеј Столаров), кои објавија снимка во која тој во повеќе наврати разговара со „Порошенко и Столтенберг“.

Ременски како специјалстка во таа област се обиде да ја брани глупоста што за себе и за државата Македонија ја направи Заев:

– Најголеми предизвици на сите безбедносно-разузнавачки служби е справувањето со неконвенционалните форми на загрозување на националната безбедност и стратешките интереси, преку употреба на алатки на специјална (информациска) војна, денес познати како хибридни закани. Хибридните закани (комбинација на легални и нелегални дејствија со цел) ги употребуваат поединци, групи, движења, политички партии, влади и разузнавачки служби, заради остварување на нивни цели и интереси или за попречување на интересите на земјите во кои продуктите на хибридните закани се пласираат. Актуелната снимка на т,н., “пранкери” е класичен пример на хибридна алатка. Легалноста на оваа хибридна алатка е само правото на комуникација. Нелегалноста на оваа хибридна закана е лажното претставување, употребата на агенти провокатори зад превез на “пранкери” и прикривање на нелегалноста и злоупотребата на медиумите на т.н., пранкери зад превезот на слободата на изразување и слободата на медумите како демократска вредност, пишува Ременски во одбраната на Фејсбук.

Ширење на продуктот, додава Ременски, од хибридната алатка по пат на медиуми е по правило сензација и предизвикува интерес.

– Тоа е една од главните цели на хибридната закана – да се шири продуктот што претпоставува некаква штета. Крајната цел е нарушување на интересите на земјата или на трети земји. Современите безбедносни служби имаат легитимно право овој вид на хибридни закани да ги третира, да ги превенира и да постапува доколку се случат.
Медиумите покрај обуките за борба против лажните вести имаат и право и обврска да се едуцираат многу подетално за облиците на хибридно војување. Пласирањето на лажни вести е само еден дел од информациската, специјална, хибридна војна. Хибридниот продукт во случајот со премиерот Зоран Заев е доказ дека сме таргет на хибридни закани како земја. Но, факт е дека ефектот не е очекуваниот. Од содржината се заклучува дека, премиерот и покрај наведувањето на искази и вербални провокации (техника на комуникација на агент провокатор), јасно и без двоумење ги презентира стратешките цели и интереси на нашата земја за стабилност и безбедност во регионот, важноста на дијалогот, мирното решавање на споровите и потребата од дијалог и размена на вредности и ставови помеѓу земји и лидери кои делат исти стратешки интереси. Оваа поучна хибридна лекција ќе не направи попосветени на напорите да ги зајакнеме институционалните и процедуралните капацитети за сајбер заштита, за да ги превенираме и пресретнеме ваквите дејствија. Секое барање на одговорност и вина од жртвите на вакви хибридни закани и продукти е посакувано продолжено дејствие на алките и целите на креаторите на хибридната закана, на кои вистината не им е целта, пишува за „специјалната војна“ Ременски во која го брани Заев.