Република Кипар уште од првиот момент ја изрази својата целосна подготвеност веднаш да помогне во напорите за пронаоѓање и спасување, ставајќи ги на располагање сите потребни средства. Во еден ваков момент, заштитата на човечкиот живот е над сè, напиша на Икс портпаролот на кипарската Влада, Константинос Летибиотис по бродската несреќа во самопрогласената Турска Република Северен Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.

Летибиотис напиша дека „со длабока тага и агонија“ ги следат случувањата по потонувањето на фериботот кај Киренија и нагласи дека нивните мисли се со оние кои ги загубија животите, со повредените, со сите кои ја преживуваат оваа трагедија и со нивните семејства.

Кипарската новинска агенција (ЦНА), повикувајќи се на свои извори, објави дека уште од првиот момент на несреќата Центарот за координација на пребарување и спасување на Кипар, стапил во контакт со Мировните сили на Обединетите нации и побарал до турско-кипарската страна да биде пренесено дека Република Кипар е подготвена, доколку биде потребно, дури и да ја преземе операцијата со расположливите воздухопловни и поморски средства за пребарување и спасување.

Паралелно, кипарскиот претседател Никос Христодулидис, преку преговарачот побарал да се воспостави комуникација со лидерот на кипарските Турци, Туфан Ерхурман, за и него да му биде изразена подготвеноста на земјата за помош.

Според истите информации, ставот на Никозија во вакви случаи е јасен дека „кога човечки животи се во опасност, придонесуваат со сите расположливи средства“.

Во несреќата со фериботот на кој имало 267 патници, според турските медиуми, животот го загубија осуммина, во тек се операции за пребарување и спасување на уште 17 лица, а спасени се 242 патници.

Траектот пловел од пристаништето Киренија, познато и како Гирне, до турското пристаниште Ташугу во покраината Мерсин и почнал да се полни со вода на околу 7,5 километри од брегот, а засега непознати се причините за несреќата.