Македонското општество низ изминатите години носеше тешки, политички предизвикувачки одлуки и на тој пат на Македонија ѝ е нанесена неправда. Сега на сите им станува сè појасно дека проширувањето за ЕУ повеќе не може да биде само техничко прашање, туку стратешки интерес, особено во контекст на променетите геополитички околности, истакнува европратеникот Карло Реслер во интервју за МИА.
Реслер, кој важи за еден од највлијателните млади хрватски политичари во Европскиот парламент (од редовите на ХДЗ/ЕПП) и кој ја предводи хрватската Делегација на Европската народна партија, кон крајот на септември ќе ја предводи посетата на Делегацијата на Европскиот парламент во Скопје. Како правник по вокација и известувач за европскиот буџет, но и човек кој директно учествуваше во креирањето на европската регулатива за дигитална трансформација и вештачка интелигенција, Реслер во интервјуто отворено говори за балансот меѓу европските бирократски процеси и реалниот живот на Балканот.
Во пресрет на претстојниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, со кој ќе копретседава заедно со македонската пратеничка Иванка Василевска, Реслер, повлекувајќи паралела со хрватскиот пат, испраќа директна порака во однос на бугарското вето и обидите за идентитетско условување:
„Хрватска многу добро разбира колку билатералните прашања можат да го оптоварат европскиот пат. Само со меѓусебно почитување можеме да бидеме обединети и силни пред трети страни… Тоа не значи дека во Европа секогаш ќе се согласуваме за сè, но значи дека приоритет мора да им дадеме на одржливите односи, а не на историските раздори и научените трауми“, дециден е Реслер.
Покрај геополитичката неправда, хрватскиот европратеник во интервјуто отворено се осврнува и на искористувањето на државата како „бесплатен граничар“ на мигрантската рута, економскиот статус на младите во регионот и борбата против ЕУ како проект за идеолошко наметнување. Тој порачува дека новите технологии се генерациска шанса за земјата и дека не ја прифаќа тезата оти југоистокот на Европа мора да остане само пазар за евтина работна сила, особено во контекст на Договорот за стратешка соработка меѓу двете земји потпишан во Охрид.
Господине Реслер, Македонија направи сè што беше побарано, вклучително и промена на името, а сепак сè уште сме во чекалната на ЕУ. Како известувач за европскиот буџет, кажете ни искрено: Дали ЕУ воопшто сака нови членки или само сакате да нè држите доволно блиску за да не отидеме кај Кина и Русија, а доволно далечу за да не ни дадете пристап до вашите фондови?
-Македонското општество низ изминатите години носеше тешки, политички предизвикувачки одлуки и искрено разбирам од каде доаѓа прашањето дали Европската Унија покажува еднакво ниво на политичка доследност. На Северна Македонија ѝ е нанесена неправда на европскиот пат. Сега на сите им станува сè појасно дека проширувањето за ЕУ повеќе не може да биде само техничко прашање, туку стратешки интерес, особено во контекст на променетите геополитички околности.
Гледаме дека Европската Унија отвора значајни финансиски средства преку Планот за раст на Западен Балкан. Во случајот со Северна Македонија, од Планот за раст досега се ослободени 142,1 милиони евра од предвидените 750,4 милиони, додека се спроведени првите 22 од вкупно 136 предвидени реформски чекори. Со пренасочување, сега на располагање би требало да бидат и дополнителни средства кои имаат конкретни ефекти на терен.
Југоистокот на Европа без никаква дилема припаѓа на европскиот простор — политички, економски, безбедносно и културно, и проширувањето во тој поглед е несомнено во заеднички интерес. Како Хрват, демохристијанин и шеф на делегацијата на Европскиот парламент за Северна Македонија, длабоко верувам дека Македонија и македонските граѓани во блиска иднина мора да го имаат своето место во заедницата на европските држави и народи како држава членка на ЕУ, и правам сè што е можно за да придонесам за тоа и од Европскиот парламент.
Хрватска го помина патот на блокади од страна на соседите. Денес, Бугарија ги користи историските и јазичните прашања како оружје против Македонија. Дали ЕУ стана заедница во која е дозволено соседските комплекси да ги киднапираат европските вредности?
-Хрватска многу добро разбира колку билатералните прашања можат да го оптоварат европскиот пат. Добрососедските односи се важен дел од европскиот проект и од процесот на проширување. Историјата, идентитетот и меѓусебното почитување не можат да се игнорираат, но јасно е дека тие прашања никако не смеат да станат инструмент за политичко условување кое би го нарушило кредибилитетот на процесот на проширување. Ако една земја ги исполнува преземените обврски и спроведува реформи, нејзиниот напредок мора да се оценува според јасни, објективни и однапред познати критериуми, а не според променливи билатерални барања.
Само со меѓусебно почитување можеме да бидеме обединети и силни пред трети страни — оние кои вршат притисок врз нашата, европска цивилизација, обидувајќи се да ги искористат внатрешните европски раздори. Тоа не значи дека во Европа секогаш ќе се согласуваме за сè, но значи дека приоритет мора да им дадеме на одржливите односи, а не на историските раздори и трауми.

Вие сте млад конзервативец од Хрватска каде што семејството е централен столб на општеството. Но, во Брисел често се наметнуваат либерални агенди како услов за напредок. Дали Македонија утре ќе биде соочена со избор: прифатете ја „родовата флуидност“ во училиштата или заборавете на европските пари? Каде завршува економијата, а каде почнува идеолошкиот инженеринг врз нашите деца?
-Европската Унија не е замислена како проект за идеолошко наметнување. Тоа е нешто против кое се борам. Верувам дека европските темели произлегуваат од европското историско и христијанско наследство: достоинството на секоја личност, солидарноста и почитувањето на различностите, па така и почитувањето на различните лични убедувања. Европската Унија не ја обликува ниту ја одредува улогата на семејството, родителите и националните демократски институции во воспитувањето на децата. Тоа останува прашање на суверенитет, одговорност и демократска волја на секоја држава.
Затоа е важно редовно да се реагира на секој обид на поединечни крајно леви актери на ниво на ЕУ кои под маската на универзалните права и европските вредности се обидуваат да протуркаат многу тесни, егзотични и штетни идеолошки концепти кои директно го загрозуваат семејството, поединецот и нивното достоинство. За нештата кои најдлабоко задираат во нашите животи мора да можеме да одлучуваме во целост; тие никогаш не смеат да станат дел од некој наводно саморазбирлив бирократски механизам со кој се избегнува работите јасно да се именуваат и да се подложат на јасно одлучување. И тука Европа мора да може сама да одлучи и да ги одбрани своите вредности, а не да зависи од вакви или онакви трендови, било од Истокот, било од САД.

Македонија со години е „штит на Европа“ на балканската мигрантска рута. Кога треба да се запре бегалски бран, ние сме „стратешки партнери“, но кога треба да влеземе во Шенген или ЕУ, одеднаш сме „корумпирани“. До кога ќе ја користите Македонија како бесплатен граничар додека истовремено нè држите пред затворена врата?
-Хрватска добро знае што значи да се биде под притисок на надворешната граница. Пред влезот во Шенген и самата беше изложена на неутемелени политички критики, но истраја на одговорната заштита на границата. Свесни сме дека сме една од државите кои ја сочинуваат надворешната граница на ЕУ, но без оглед на историјата како граничен простор каде што се судирале култури и интереси, во граничните политики во рамките на ЕУ никогаш не сме се доживувале или сведувале на некаков „раб на Европа“. Равноправно одлучуваме за безбедноста на нашиот континент, ги користиме и ги зајакнуваме ресурсите на ЕУ, а уверен сум дека еден ден во рамките на ЕУ така ќе се однесува и Северна Македонија.
Имате важна улога во управувањето со миграциските притисоци и тоа треба јасно да се признае. Уверен сум кое дека македонското одговорно однесување во однос на безбедносните и граничните политики ќе биде препознаено и соодветно вреднувано од страна на Европа.
Младите во Македонија се само евтина работна сила за западните технолошки гиганти. Дали европската регулатива ќе создаде нова „дигитална завеса“ каде што ние на Балканот ќе бидеме само корисници и потрошувачи?
-Не ја прифаќам тезата дека југоистокот на Европа мора да биде само периферија или пазар за евтина работна сила. Европа треба да биде простор без нови поделби, во кој знаењето, иновациите и претприемништвото се развиваат и надвор од големите држави членки, особено меѓу младите кои сакаат да ја градат иднината во сопствените земји. Младите не смеат да бидат извозен потенцијал, туку носители на развојот на сопственото општество. Затоа е важно европските правила и европските фондови да не им служат само на големите играчи, туку и на младите, стартапите, универзитетите и претприемачите во сите држави.
Искуството на Хрватска покажува дека конвергенцијата не е апстрактен поим. Во релативно краток период се поместивме од околу 60% на речиси 80% од просекот на развиеност на Европската Унија според БДП по жител, токму благодарение на стабилната насока, европските средства и реформите.
Она што е пресвртно кај новите индустрии и новите технологии е тоа што тие нудат можност за побрз развој од кога било претходно. Не станува збор за индустрии од минатото кои имаат свои побавни циклуси и законитости, туку за генерациска можност да го фатиме приклучокот со поразвиените држави уште во текот на нашиот живот. Клучот е во достапноста на квалитетен капитал, во инвестициите. Верувам дека натпросечната образованост на македонските граѓани, совладувањето на современите технологии и добрите работни навики – доколку се поврзат со соодветно финансирање и претприемачки импулс на македонско тло – можат посилно да ги претворат македонските граѓани во двигатели и иноватори, и да ве направат рамноправни актери во европскиот технолошки натпревар.
Исто така – сакам и навивам за поблиско поврзување на хрватските и македонските претпријатија, особено во областа на ИТ, како и за поблиска соработка меѓу хрватските и македонските образовни институции. Нашата годишна трговска размена достигнува 350 милиони евра, со потенцијал за понатамошен раст. Верувам дека можеме да ви пренесеме бројни квалитетни работни и образовни искуства, и тоа ќе го сториме со големо задоволство – вие сте пријателски народ и пријателска држава, како што подвлекува и Договорот за стратешка соработка меѓу двете земји, потпишан во мај во Охрид.




