Завршниот натпревар на најдобрата ракометна селекција на Македонија за квалификациите на ЕП 2020 против репрезентацијата на Грција нема да се игра во Скопје, како што веќе беше најавено, туку ќе се игра во Струмица.

Ова предизвика револт кај голем број граѓани кои сакаат во што поголем број да го проследат овој натпревар, кој се игра на 16 јуни, со почеток во 18 часот.

Македонија на натпреварот со Грција треба да го забетонира првото место и да и се реваншира за оној пораз што го доживеа во Кожани на почетокот од квалификациите.

– Ние за инает ќе покренеме иницијатива да организираме превоз за сите заинтересирани. Ќе ја поплавиме Струмица! Борбата само што започна! Никогаш северна, само Македонија, гласи реакцијата на Млади за Македонија на Фејсбук.

Има и други реакции на оваа одлука:

– Наместо против Грција да играме во Скопје на Арената Борис Трајковски во присуство на над 5.000 навивачи или можеби да организираме спектакал на Градски стадион пред повеќе од 50.000 гледачи, ние одиме во Струмица каде капацитетот на салата Парк е околу 1.500 гледачи. Срамота!- гласи коментарот Драган Дачо Ѓурчевски на Фејсбук.