Здружението на сопственици на деловен простор за одржување на ТЦ Бисер го повикува Јавното обвинителство да покрене истрага за случајот со, како што велат, бесправната изградба на Пекарницата Силбо во ТЦ Бисер во Скопје, во спротивно најавуваат дека ќе поднесат кривична пријава до сите инволвирани.

– Ќе почекаме неколку дена да видиме дали институциите ќе си ја завршат својата работа и дали ќе го почитуваат законот. Во случај да не се почитува законот подготвени сме да излеземе на улица со протести и блокади да го  изразиме револтот како што сегашната власт го изрази кон претходната, односно со шарена револуција, рече претседателот на Управниот добор на ТЦ Бисер, Зоран Миткоски на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека се работи за дивоградба и оти нема никакво одобрение за објектот  во кој сега функционира пекарницата Силбо.

– На овој објект требаше да биде поставена урбана опрема иста како што има на спротивната страна. Со последното решение што го донел Борис Огњанов, овластениот градежен инспектор во општина Аеродром, ги прекршил првите две решенија што ги има донесено. Со решението ја усвоил жалбата поднесена од Силбо и ја дал да се разгледува на општа управна постапка, а со Законот за градење кога ќе се утврди дека некој изградил градежен објект без никакво решение следи уривање. За жал овде го немаме тоа, рече Миткоски.

Нагласи дека на првиот инспекциски надзор кој е направен на 12 јули градежниот инспектор по елаборат даден од страна на инвеститорите утврдил дека нема никакво отстапување што е спротивно на фактичката состојба.

– Со вториот вонреден инспекциски надзор на 5 септември од Град Скопје и општина Аеродром е утврдено дека целиот објект е спротивен на Правилникот за поставување урбана опрема, односно дека е дивоградба по што Градот му наложи на општинскиот инспектор да постапи според Правилникот. На 18 септември Огњанов донесува сосема незаконско, неодржано и криминогено решение со кое го одлага извршувањето на своето решение од 5 септември за отстранување на недостатоците на предметниот објект, прецизира Миткоски.

За управителот на Силбо, Силјан Мицов објектот на пекарницата во ТЦ Бисер воопшто не е дивоградба.

– Бевме во општина Аеродром и поднесовме жалба за се што ни кажаа да отстраниме. Поднесовме и жалба до Град Скопје и тој процес тече. Ги имам платено сите трошоци  кон Град Скопје, а по судски пат ќе го решам што ми го имаат сменето елаборатот. Овде моментално ништо не е дивоградба, рече Мицов.

Потенцира дека ќе го почитува решението што ќе го донесе Град Скопје со рокот што му е даден.

Со соопштение одговорија и од Општина Аеродром. Од таму велат дека постапката за извршување на решението за отстранување на недостатоците на објектот на пекарницата Силбо е одложена по барање на сопственикот на пекарницата.

– Постапката за извршување е одложена по барање на сопственикот ДПТУ „Жито Скопје Силбо ДООЕЛ“. Одложувањето важи сѐ до донесување одлука на второстепената комисија за инспекциски надзор и прекршочна постапка, согласно со Законот за општа управна постапка, соопшти општина Аеродром.

Пред да се преземе каква било активност, се нагласува во соопштението, мора да се почека до решавањето на второстепената комисија.